Александар Ѓерасимовски дипломирал на Машински со просек 9,95. Добитник е на „Инженерски прстен“, но работа не нашол ниту брзо ниту лесно

Александар Ѓерасимовски дипломирал на Машински со просек 9,95. Добитник е на „Инженерски прстен“, но работа не нашол ниту брзо ниту лесно

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Скопјанецот Ѓерасимовски е еден од најдобрите студенти на УКИМ од генерацијата што дипломира во 2016/2017. Вели дека ваков успех се постигнува со континуирано учење во текот на целото образование

Дипломирал на Машинскиот факултет во Скопје со просек 9,95 и имал само две деветки. Но, Александар Ѓерасимовски не дошол лесно до работно место. Бил одбиван од многу приватни и државни компании, но и од програмата за вработување на најдобрите студенти во државни институции. Но, не се откажал од потрагата по место каде што ќе може да покаже што знае и умее. Сега работи во приватна компанија и ја подготвува својата магистерска работа на Машинскиот факултет.

Скопјанецот Ѓерасимовски е еден од најдобрите студенти на УКИМ од генерацијата што дипломира во 2016/2017. Вели дека ваков успех се постигнува со континуирано учење во текот на целото образование.
- Континуирано имав одличен успех и редовно учествував на регионални и државни натпревари по математика и по физика и постигнував врвни резултати. Затоа одлучив моето образование да го продолжам на Машинскиот факултет, бидејќи го сметав за најсоодветен за мое усовршување во областите што ги нуди. Успехот го постигнав бидејќи ме интересираше материјата што се предава на факултетот и нејзиното совладување ми беше голем предизвик – вели Ѓерасимовски.


Ѓерасимовски смета дека во образованието на една земја најважни се почетните нивоа 

Во образованието најважни се почетните нивоа

Тој имал деветки само по два предмети. Имал повеќе шанси да ги поправи, но во тој период не му значело тоа.
- Не се запишав со цел да дипломирам со чиста десетка. Постигнувањето добри бодови на колоквиумите ми претставуваше лична сатисфакција, а не цел за оценка. И покрај тоа, признавам дека сега ми е малку криво што не ги поправив.

Најмногу му одговарале дисциплините од областа на термичко инженерство, па затоа и избрал токму тоа да го студира.
- Беше задоволство да се студира на Машинскиот факултет во Скопје. Покрај стекнатитe знаења во текот на студирањето, ние студентите добивме можност да работиме на реални проблеми, да се вклучуваме во развој и надополнување на нови или постојни концепти. Добиената диплома е резултат на целиот вложен труд во текот на студирањето на Машинскиот факултет, на кој ние студентите поминавме дел од нашата младост. Овие години ќе ми останат како убави и незаборавни спомени.

Ѓерасимовски смета дека во образованието на една земја најважни се почетните нивоа бидејќи тоа придонесува за стабилна основа за продолжување на понатамошното образование.
- Би предложил да се организираат повеќе натпревари по предметите во основно и во средно образование. За мене тие беа поттик да ги засакам предметите што ме натераа да се запишам на технички факултет. Јас сум задоволен од образованието што го добив.


Добитник на „Инженерски прстен“

Тој дипломира на насоката Термичко инженерство. Објаснува дека оваа диплома нуди можности за вработување во области каде што предмет се енергетиката и енергетската ефикасност, или на места каде што проблематика се греење, вентилација и климатизација на воздух во објекти и на места каде што се потребни знаења од компресори и постројки, греење и климатизација и ладилна техника. Го прашуваме дали лесно нашол работа, со оглед на високиот просек.

- Како најдобар студент на Машинскиот факултет, уште од првата година на студиите сѐ до завршувањето добивав стипендија од ЕЛЕМ АД Скопје. По дипломирањето конкурирав на повеќе огласи објавени од ЕЛЕМ, МЕПСО, ЕВН, меѓутоа, на сите места бев одбиен. Исто така, неколку пати испратив писмо и до Владата на Република Македонија, која имаше Програма за вработување на најдобрите студенти во државни институции. Во октомври 2017 година добив одговор дека за време на избори не се можни вработувања и да причекам до завршувањето на изборите. Потоа не добив никаков одговор иако неколку пати испратив барања. Неколку месеци сум вработен во приватна фирма за испитување на квалитетот на животна средина - „Еуромак контрол“ – вели Ѓерасимовски.


Претседателот Ѓорге Иванов му ја доделува наградата „Инженерски прстен“ за 2018 година

Придобивка од високиот просек е тоа што добил бесплатно студирање на втор циклус студии на Машинскиот факултет. Тој е и добитник на наградата „Инженерски прстен“.

- Моите планови се да магистрирам, да продолжам да учам, успешно да се надградувам и усовршувам и да ги продлабочувам стекнатите знаења. Во врска со професионалниот живот, сакам да работам на проблеми што ќе ме предизвикаат да бидам подобар и да учам уште за да можам да ги совладам.