Тинејџер од Ирска освои награда за наука од „Гугл“ за отстранување на микропластиката од океаните

Тинејџер од Ирска освои награда за наука од „Гугл“ за отстранување на микропластиката од океаните

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Научниците постојано предупредуваат за катастрофалните ефекти од загадувањето на планетата, па младите луѓе почнаа да преземаат инцијативи за да помогнат во зачувувањето на природната средина.

Така, 18-годишното момче Фион Фереира од Ирска ја освои главната награда на саемот за наука на „Гугл“ 2019 година за создавање метод за чистење на океаните од микропластика. Неговиот проект користи несекојдневна, но ефективна методологија, што вклучува магнети за привлекување микропластика од водата. Имено, Фереира откри дека магнетната течност наречена ферофлуид ги привлекува ситните пластични честички и ги елиминира од вода.

Младиот научник рече дека едвај чека да ги примени своите откритија и да придонесе за решавање на овој проблем.

Саемот за наука на „Гугл“ покани 24 млади научници од целиот свет, избрани од 100 пријави во кампусот „Маунтин Вју“ во Калифорнија, а Фереира освои 50.000 американски долари.

Тој рече дека ја добил идејата кога открил карпа покриена со нафта во близина на неговиот крајбрежен град во југозападниот дел на Ирска, на која забележал мали парчиња пластика залепени во нафтата.

Микропластиката е дел од производите за убавина, разни текстили и поголеми парчиња пластика по распаѓањето, а бидејќи се помали од 5 милиметри, тие бегаат од системите за филтрирање на водата и завршуваат загадувајќи ја водата, каде што морските животни ги голтаат.

Покрај тоа, тие завршуваат и во нас, особено кај луѓето што пијат пакувана вода.

Неодамнешно истражување покажа дека секоја година луѓето од САД јадат, пијат и дишат помеѓу 74.000 и 121.000 микропластични честички, во зависност од нивната возраст и пол. Луѓето што пијат пакувана вода внесуваат дополнителни 90.000 пластични честички.

Бидејќи пластиката и нафтата се држат заедно, Фереира се прашувал дали би било исто во случај да употреби ферофлуид. Тој смислил начин за комбинирање нафта и прав од магнетит за создавање ферофлуид во водата. Ферофлуидот е густа течност која се магнетизира во присуство на магнетно поле. Микропластиките остануваат заробени во ферофлуидот, кој потоа се отстранува со магнет, оставајќи ја водата чиста.

По повеќе од 950 теста, се покажало дека методот е 88 отсто ефикасен во елиминацијата на различни микропластики од водата, надминувајќи ја оригиналната хипотеза на Фереира за 85 отсто стапка на отстранување.

Тој објаснил дека ресурсите за тестирање може да бидат оскудни со оглед на тоа што тој живее во оддалечен дел на Ирска, но тоа не го спречило да ја оствари својата цел. Исто така, тој додаде дека би сакал да ги охрабри другите велејќи дека не мора да тестираат сè во професионална лабораторија. Ова било причината зошто тој создал своја опрема.

Напоменува дека без оглед на тоа колку е горд на својот проект, не го решава комплетно проблемот бидејќи единствениот начин да се елиминира пластиката од водата е да престане да се користи.



Фото: Screenshot/YouTube