Одлуката за онлајн-настава во средно е скандалозна! Бараме комбинирана настава од 1 октомври, вели Сојузот на средношколците
Одлуката за онлајн-настава според нас е скандалозна. Ниту учениците ниту родителите беа консултирани пред нејзиното донесување. Особено што ова се направи на 11 дена пред 1 септември, кога нема ниту доволно време за подобрување на ИКТ-вештините на наставниците, вели Бленди Ходаи, претседател на Сојузот на средношколците на Македонија, единствено такво тело во земјава. В сабота, 51 претставник од 17 града во земјава ќе одлучат како ќе реагираат против одлуката за онлајн-настава.

Бленди Ходаи, средношколец од Тетово е претседател на Сојузот на средношколците на Македонија
- Онлајн-наставата што ја имавме од март до јуни не беше квалитетна. Ние предлагаме да се воведе комбинирана настава. Ние предлагаме учебната година да почне на 1 октомври, па и државата да има повеќе време да се подготви. Во комбинираниот пристап треба да се водиме според епидемиолошката слика на секој град. Може една паралелка да се расцепка и да се прави комбинирана настава и така ќе се избегне метеж, а за физичкото присуство да се организира соодветен протокол – вели Ходаи.

Последниот министер за образование и наука Арбер Адеми со претставници на Сојузот на средношколците
Во изминатиот период Сојузот до МОН доставил два извештаја – едниот во јуни со нивни согледувања за квалитетот на онлајн-наставата, а пред две недели и со нивни предлози за тоа како да изгледа, со давање предност на комбинираниот пристап во наставата.
- Додека губеа време на организирање политички избори, можеа да се фокусираат на образованието, што е најважно за младите. Се надеваме дека идниот министер за образование ќе има повеќе слух за нашиот глас и дека ќе биде свесен дека родителите и учениците мора да бидат дел од одлуките што се носат - вели претседателот на Сојузот.

Средношколците лани протестираа против загадувањето на воздухот
Сојузот на средношколците постои од 2017 година и има 530 члена. Периодов работат на зголемување на членството.