Битолски или прилепски виц заврши на филм! „Човек и пустина“ се бори за интернационална награда

Битолски или прилепски виц заврши на филм! „Човек и пустина“ се бори за интернационална награда

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Годинава на „My Rode Reel“ се пријавени 1.679 филма, а „Човек и пустина“ е единствен од Македонија. Гласајте тука

Македонскиот краткометражен филм „Човек и пустина“/Man & Desert на режисерот Пеце Здравковски учествува на престижниот интернационален натпревар за краткометражни филмови „My Rode Reel“. Филмот е инспириран од познат виц, за кој прилепчани велат дека е нивни, а тоа го тврдат и битолчани.

Пеце Здравковски (25) е продуцент, сценарист, режисер, монтажер и колорист на филмот. За Факултети.мк раскажува како ја добил инспирацијата и што се случувало во текот на снимањето.


Режисерот Здравковски со главниот актер Ѓорѓиески

Трет филм на Здравковски

Тој во слободно време се занимава со дизајн и мултимедија, а хоби му е кинематографијата. Ова е негов трет краток филм, а претходните два - „Dogs of War“ и „Farewell“ добиле први награди на два интернационални натпревари, а имале и неколку номинации на најголемиот натпревар за кратки филмови „My Rode Reel“.

- За новиот филм инспирација ми е еден виц. Постои борба меѓу битолчани и прилепчани чиј е, но важно е дека е добар. Филмот е идентичен на вицот. Тој е раскажан преку кадрите. Човек оди низ пустина, жеден е, но гледа знак. На знакот пишува: „Оди, неколку чекори до вода“. Продолжува и наоѓа друг знак кој му вели да копа таму за вода. Копа долго време и наоѓа друг знак кој вели: „Закопај го пак, ќе зезнеме некој друг“ - раскажува Здравковски.



Планот е филмот да го пратат и на други натпревари, но и на фестивали бидејќи сметаат дека е нивно најдобро дело. Филмот е направен со буџет од 150 евра, Ѓорѓи Вацев е продуцент, директор на фотографија и звук, Норвежанецот Кетил Шеи ја направил музиката, а е и наратор, Бојан Соклевски е писател, бум-оператор, а Алек Ѓорѓиески е главниот актер. Христијан Српчански е камера-асистент, а Симона Јосифовска и Наташа Величковска биле задолжени за фотографиите.


Гласајте за поддршка

- Ова е филм правен за наш ќеф, но и да видиме до каде сме, па зошто и да не станеме професионалци во оваа област. Ѓорѓиески е професионален актер, работи во МНТ, но и тој, како и сите други, работеше на волонтерска база - раскажува режисерот.


Биле повеќе исончани отколку на десетдневен одмор

Кадрите се снимени во близина на Новаци, Битола, родното место на Здравковски.
- Таму има една голема ископина и од рудникот ни дозволија да снимаме на таа локација. Цел ден снимавме и мислам дека успеавме да доловиме да личи на пустина. Целата екипа буквално изгоре на сонцето, бевме повеќе исончани отколку на десетдневен одмор. Но, вредеше - вели режисерот.



Екипата на филмот се надева дека ќе добие награда на престижниот фестивал, а најмногу на првата, која е комплетна продукциска опрема. Бидејќи за победникот гласа и публика, потребни им се гласови.

Годинава на „My Rode Reel“ се пријавени 1.679 филма, а „Човек и пустина“ е единствен од Македонија. Тука погледнете што се случувало зад сцената.