Градоначалници од Брегалничкиот Регион бараат училиштата да плаќаат струја како домаќинствата

Градоначалници од Брегалничкиот Регион бараат училиштата да плаќаат струја како домаќинствата

Штипските училишта и покрај штедењето на струја добиваат неколкукратно повисоки сметки. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, но и останатите градоначалници од Брегалничкиот Регион бараат училиштата и комуналните претпријатија да плаќаат струја како домаќинствата и градинките. Според Јорданов, колку и да се обидуваат да штедат и да се држат до препораките од Владата, не може да се избегнат високите сметки за електрична енергија, бидејќи цената на струјата постојано оди во нагорна линија.

-Ќе бидат доведени во прашање исплатата на плати на вработените во овие институции, затоа што сите средства кои ги добиваме по основ на блок дотации ќе бидат потрошени за покривање на трошоците за електрична енергија и трошоците за затоплување. Училиштата се оставени на слободен пазар и трошоците за електрична енергија во овој момент се три до четири пати зголемени. Со оглед на тоа што тенденцијата е дека цената на струјата ќе оди во нагорна линија очекуваме уште неколкукратно да се зголеми цената за струја, која овие институции ќе ја плаќаат. Колку и да штедиме, колку и да се прилагодуваме на новонастаната ситуација не можеме да го намалиме трошокот кој ќе го имаме за електрична енергија - вели Јорданов.

Посочи дека неопходна е помош од страна на државата за да може институциите кои се под локална власт да ги платат своите сметки за струја, а истовремено да се подмират и сите останати редовни трошоци, како и исплата на плати на вработените.

-Единствен спас, единствено решение е да се регулира цената којашто овие институции ќе ја плаќаат за електрична енергија за да има една оптималност и одржливост во работењето. Доколку ова не се случи не сакам да помислам на најлошо сценарио, но незамисливо е овие институции да продолжат да функционираат на толку големи трошоци ќе ги имаат и ги имаат по основ на електрична енергија и нафта за затоплување - вели Јорданов.

Во сите основни и средни училишта во Штип се формирани тимови кои направија план за штедење на струјата, а исто така се придржуваат и на мерките и препораките кои им ги достави Владата.

Извор: МИА