Градоначалниците од Полошкиот Регион барaат поголем распуст или онлајн настава за да се штеди

Градоначалниците од Полошкиот Регион барaат поголем распуст или онлајн настава за да се штеди

Градоначалниците од Полошкиот Регион бараат од Министерството за образование и наука да има поголем распуст или онлајн настава за учениците со цел училиштата да немаат високи трошоци за затоплување на училниците и просториите.

За ова се разговараше на денешната седница на Советот за развој на Полошкиот плански регион, а идејата доаѓа од градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, кој пред неколку недели ја спомена можноста во изјава за медиумите.

-Бидејќи сметките за електрична енергија се повисоки од минатата година одлучивме како идеја да дадеме зимскиот распуст за децата да трае два месеци – декември и јануари или јануари и февруари, така децата потоа преку лето да имаат пократок распуст и учебната година да трае до 30 јуни и потоа да почнат на 15 август со новата учебна година. Или евентуално трите месеци декември, јануари и февруари да бидат онлајн. Ние сме горе-долу дигитализирани, имаме добри искуства во време на пандемијата и зошто сега повторно, во насока на заштеда на електирчна енергија, да не се одржи онлајн настава. Ќе треба поддршка од МОН и ЗЕЛС, а нè поддржуваат и други градоначалници - изјави Таравари.

На седницата на Советот се дебатираше и за можноста за нов проект околу менаџирање со отпадот, како и регионалната соработка за справување со кучињата скитници.

Извор: МИА