Нови истражувања во психологијата - Валентноста и возбудата во субјективното искуство

Нови истражувања во психологијата - Валентноста и возбудата во субјективното искуство

Во психологијата е општо прифатено дека афектите влијаат врз целокупното човеково однесување. Вунт (Wundt, 1897), творецот на психологијата, тврдел дека лицето никогаш не е без чувства.

Битни карактеристики на афектите се валентноста и возбудата.

Валентноста е основна и најчесто споменувана карактеристика на афективните чувства и понекогаш се нарекува афективен тон. Овој поим во психологијата го вовел Левин (Lewin) во 1935 г. и оттогаш се користи да ја означи субјективната вредност на некој настан, објект или лице во животниот простор на индивидуата. Настанот, објектот итн. може да биде привлечен за лицето и тогаш се зборува за позитивна валентност, или одбивен, и тогаш велиме дека настанот или објектот има негативна валентност.
Значи, валентноста се движи низ еден континуум, од непријатност до пријатност.

Возбудатa (позната уште како активација, будност, внимание, енергија или тензија) е, исто така, битна карактеристика на афектите. Се однесува на степенот на активација и може да има физиолошка или психолошка компонента. Физиолошка компонента на возбудата е, на пример, забрзана работа на срцето, зголемен крвен притисок и друго. Психолошка компонента на возбудата е енергичност, алармираност, тензија.

И возбудата се движи низ еден континуум почнувајќи од ниско (на пример, досада) до високо ниво на возбуда.
Иако битно, прашањето за односот помеѓу валентноста и возбудата е малку истражено. Обично се смета дека возбудата е функција на валентноста, односно дека интензитетот на возбудата се зголемува како што се зголемува интензитетот и на позитивната и на негативната валентност.

Предложени се неколку модели за односот помеѓу валентноста и возбудата кои накратко ќе бидат споменати.

Модел 1. Според овој модел, валентноста е независна од возбудата и фактот дека едно лице е задоволно или незадоволно не дава информација за тоа колку лицето е возбудено, и обратно.

Модел 2. Овој модел претпоставува линеарен однос помеѓу валентноста и возбудата, односно, при овој модел валентноста е еднаква на возбудата.

Модел 3. Овој модел претпоставува симетричен однос помеѓу валентноста и возбудата во вид на латинската букава Ве (“V”). Според овој модел, возбудата е минимална при неутрална валентност и потоа нејзиниот интензитет се зголемува заедно со интензитетот нa позитивната и особено на негативната валентност. Односот е симетричен и за позитивната и за негативната валентност, кои имаат еднаков интерсепт на оската за возбуда и наклон еднаков по големина, но со обратен знак.

Модел 4. Овој модел е сличен на модел 3, но е асиметричен. Тоа значи дека кривите за позитивна и негативна валентност имаат различен интерсепт.

Модел 5. Овој модел е асиметричен. Според овој модел позитивната и негативната валентност имаат различен наклон: возбудата се зголемува побрзо со негативната отколку со позитивната валентност.

Неодамна во списанието Emotion ( 5-Year Impact Factor: 5,711) е објавено значајно истражување за односот помеѓу валентноста и возбудата под наслов On the relationship between valence and arousal in samples across the globe. Со истражувањето се настојувало да се одговори на две основни прашања: (1) Како се поврзани валентноста и возбудата во субјективното искуство и (2) Дали овој однос варира помеѓу општествата, односно дали е ист кај луѓе од различни култури?

Спроведено е едно обемно истражување, всушност, едно од најопфатните истражувања во психологијата. Во истражувањето биле вклучени околу 8.590 субјекти од 33 земји.

Валентноста и возбудата во претходните истражувања биле мерени на различни начини, поради што било тешко да се проучува нивниот однос. Во оваа студија од субјектите се барало да ги соопштат нивните афекти со одговор на прашања кои се однесувале на пријатни и непријатни афекти, како и на прашања што се однесувале на активација и деактивација. Потоа се тестирала структурната варијанса на двата конструкти, имено валентност (пријатно-непријатно) и возбуда (активација-деактивација), за сите 33 мостри.

Во истражувањето акцентот е ставен на моменталниот афект, односно применет е инструментот познат како запаметени моменти (RMQ, Remembered Moments Questionnaire), при што субјектите требало да се сетат на момент од претходниот ден. Моментите барани со RMQ се различни и претставуваат искуства надвор од лабораторија. Меморијата не е сигурна и затоа во упатството било нагласено субјектите да изберат добро запомнет момент.
Датотеката опфатила субјекти од 6 континенти, а инструментот бил преведен на 25 различни јазици, вклучувајќи индоевропски, афроазиски, уралски, индонезиски, јапонски, корејски и кино-тибетски јазик.

Сите истражувачи вклучени во истражувањето имале флуентен англиски јазик и искуство во спроведување обемни истражувања. Тие ги превеле инструментите на нивниот јазик. Лицата од неанглиско говорно подрачје го добиле инструментариумот на англиски јазик за превод на локалниот јазик. Била применета и обратна постапка, превод од локалниот на англиски јазик. Разликите во преводите биле идентифицирани, дискутирани додека не се постигнала согласност помеѓу преведувачите.

Од учесниците во експериментот се барало да се сетат на јасно запомнет момент од претходниот ден. За да им помогнат на субјектите да го оживеат моментот, тие биле замолени да се сетат на времето, локацијата, лицето со кое биле во претходниот ден и акциите што ги вршеле во тој најјасен момент. Потоа требало да ги проценат нивните чувства што ги доживеале во врска со тој момент користејќи 16 придавки. Придавките биле извлечени од четири сегменти на скалата “12-Point Affect Circumplex“. На валентноста се однесувале 4 пријатни ајтеми (“happy”, “pleased”, “content”, “satisfied”) и четири непријатни ајтеми (“miserable”, “unhappy”, “troubled”, “dissatisfied”), додека на возбудата се однесувале 5 активни (“determined”, “intense”, “hyperactivated”, “aroused”, “activated”) и три пасивни (deactivated) (“still”, “quiet”, “sleepy”) ајтеми. Ајтемите се наведени во изворна форма затоа што не биле преведени на македонски јазик.

Кои се главните сознанија од ова истражување?
Двете општоприфатени хипотези во психолошката литература, дека валентноста и возбудата се независни и симетрични според латинската буква Ве (“V”), не се потврдиле.


Проф. д-р Томе Николоски

Според податоците од сите 33 мостри, возбудата се зголемила со позитивната, но не и со негативната валентност. Валентноста објасни 5% (Финска) и 43% (Кина) од варијансата на возбудата. Од ова произлегува дека субјектите покажале тенденција да ја запаметат позитивната валентност, што било сосема јасно во сите 33 мостри. Во некои случаи негативната валентност не била ни спомената, од што произлегува дека афектите поврзани со негативни сеќавања бледнеат побрзо отколку позитивните.

На општ план, модел 5, накратко споменат на почетокот, дава општо објаснување на односот помеѓу валентноста и возбудата за сите 8.590 субјекти, што може да биде корисно за многу цели, на пример, тој е добар опис на моментниот афект: кога субјектите се чувствуваат задоволни, тие се доживуваат и како активирани, кога се чувствуваат непријатно, тие може да се чувствуваат активни, неактивни или нешто помеѓу. Накратко, општиот однос помеѓу валентноста и возбудата е асиметричен, со благ наклон на негативната валентност.
Еден општ наод е дека возбудата е најниска при неутрална валентност и се зголемува со зголемувањето и на позитивната и на негативната валентност.

Ниту еден модел не може да ги објасни добиените разлики за сите 33 мостри. Меѓутоа, само два модела се појавија како најдобри. Модел 2 може да ги објасни наодите во 14 мостри, при што возбудата се зголемува линеарно со валентноста. Во преостанатите 19 мостри асиметричните модели се покажаа како најдобри: 16 мостри покажаа “V” однос со поголем наклон за позитивната валентност. Накратко: 2 модела доминираа во 30 од 33 мостри. Позитивната валентност покажа брз позитивен наклон при возбуда, но негативната валентност покажа наклон во опсег од негативен преку рамен до позитивен.
Според тоа, модел 5 е најсоодветно објаснување на номотетската структура на афектите. Тој има позитивен наклон за позитивна валентност и речиси рамен наклон за негативна валентност.

Врз основа на овие резултати, истражувачите под раководство на тимот од Хонг Конг и професорката Јик заклучиле дека модел 5 е најсоодветен универзален панкултурен приказ на општата поврзаност помеѓу валентноста и возбудата.

Можно е моделот подетално да се опише за секоја мостра. Една таква анализа покажа дека помеѓу 33. мостри постои разлика која може да се претстави со три параметри: (1) вредноста на возбудата при неутрална валентност, (2) наклонот на возбудата како функција на валентноста и (3) наклонот на возбудата како функција на негативната валентност. Спецификацијата на секој од овие три параметри за секоја мостра дава подобар модел на афектите. Но, зошто секој параметар ја има таа вредност што ја има за дадена мостра, треба да се утврди во наредните истражувања. Авторите на трудот истакнале дека можните разлики помеѓу мострите можат да бидат последица на случајната дистрибуција на мострите, последица на разликите во личноста, културата, јазикот, географијата и социјалните услови.

Авторите на трудот признаваат дека за да се разбере односот помеѓу валентноста и возбудата, потребни се повеќе од три параметри затоа што тој однос варира повеќе помеѓу мострите кога се третираат посебно. Така, кај 19 мостри моделот има една инфлексија, така што позитивниот наклон се менува од негативен кон позитивен, додека кај преостанатите 14 мостри таква инфлексија не била забележана. Вакви разлики можат да се објаснат со повеќе од три параметри, за што се потребни други истражувања.

Може да се извлечат – ако може така да се каже - и негативни заклучоци. Моделот 1, прикажан кратко, не се покажал валиден ни за една мостра. Исто така, во ниту една мостра валентноста не објаснила голем дел од варијансата на возбудата. Во целина земено, овие резултати зборуваат во прилог на хипотезата дека возбудата е независна од негативната валентност.

Верзијата со три параметри треба да се интерпретира наспроти сознанието за низок степен на предиктивна моќ на најдобриот модел во секоја мостра. Според тоа, овие најдени односи треба да се интерпретираат во термини на веројатноста, а не на детерминистички начин.

Во ова истражување не бил најден доказ за сложен модел кој би го претставувал односот помеѓу возбудата и валентноста. Трите споменати принципи можат да ги претстават разликите помеѓу мострите, и тоа, тековно е најсоодветно истражување во психологијата.

Наодите од истражувањето се богато илустрирани со соодветни графикони. Истражувањето било планирано, организирано и спроведено од страна на Одделението за психологија при Универзитетот во Хонг Конг под раководство на професорката Мишел Јик (Michelle Yik). Во истражувањето биле вклучени психолози од Србија (Ljiljana B. Lazarević и Goran Knežević) и од Хрватска (Denis Bratko и Iris Marušić). Во истражувањето бил вклучен и еден македонски психолог, Ана Стојанов, но како познат психолог од Нов Зеланд.

Трудот е рецензиран и одобрен за печатење и има свој DOI. Сега е ставен во чекалница (Оn - Line First) каде што го чека редот да биде распореден во конкретен волумен и број.
Оние што сакаат да го прочитаат трудот, може да го направат тоа на овој линк:


Oдносот пoмеѓу валентноста и возбудата е важен и затоа што тој има влијание врз природата на афектите и преку нив врз здравјето, добросостојбата, психопатологијата, донесувањето одлуки итн. на поединецот.

Автор: проф. д-р Томе Николоски, редовен професор во пензија