Пчелите-матици можат да преживеат изложеност на пестициди
Пчелите-матици можат да преживеат изложеност на пестициди така што дел од токсичните материи ги пренесуваат во своите јајца, покажува ново истражување.
Овој одбранбен механизам ја штити матицата, но би можел да има сериозни последици врз нејзиното потомство и целата колонија.
Пчелите-работнички обично ја претставуваат првата линија на одбрана од загадување, филтрирајќи ги штетните материи пред тие да се прошират низ кошницата.
Меѓутоа, кога пчелите-матици подолг период се изложени на пестициди, хемикалиите почнуваат да се натрупуваат во нивните тела, по што дел од нив ги пренесуваат во јајцата.
Истражувачите го нарекуваат овој процес „мајчинско растоварување“.
Резултатите, објавени во списанието „Крент бајолоџи“, претставуваат прв доказ за ваков процес кај медоносните пчели. Истражувањето го предводел Универзитетот во Калифорнија, Дејвис.
- За да се заштити себеси, матицата ги пренесува овие хемикалии во своите јајца за да се ослободи од нив. Никој претходно не покажал дека ова се случува кај медоносните пчели - вели Саша Никлиш, еден од авторите на истражувањето.
Научниците долго време сметале дека работничките ја штитат матицата така што ги филтрираат штетните материи од храната што ѝ ја даваат. Новото истражување покажува дека овој систем има свои ограничувања.
За да го проучат процесот, истражувачите создале мали експериментални „наноколонии“, од кои секоја содржела една матица и 60 пчели-работнички. Пчелите добивале полен, вода и храна загадена со пестицидот метил-паратион, кој бил обележан за научниците да можат да го следат неговото движење низ колонијата.
Првиот ден работничките успевале да филтрираат 95 отсто од пестицидот и да го пренесат во саќето. До десеттиот ден нивната ефикасност паднала на 86 отсто, додека пестицидите почнале да се натрупуваат во матиците.
Кога работничките повеќе не можат доволно ефикасно да ги филтрираат хемикалиите, матицата активира сопствен механизам за одбрана и пренасочува дел од токсичното оптоварување во јајцата.
Сепак, тоа може да има своја цена.
- Кога пестицидите ќе се натрупаат до таа мера што јајцата на матицата ќе бидат толку оптоварени со нив што можеби повеќе нема да можат правилно да се развиваат, би можело да дојде до пресвртна точка - вели Никлиш.
Според него, постепеното натрупување на хемикалиите би можело да придонесе за подоцнежно пропаѓање на целата колонија.
Ова е особено значајно бидејќи матицата може да снесе меѓу 1.500 и 2.000 јајца дневно, од кои се развива нова генерација работнички неопходни за опстанокот на кошницата. Исто така, медоносните пчели опрашуваат околу една третина од земјоделските култури во светот.
Научниците сè уште не знаат колку долго матицата може да пренесува пестициди во јајцата, какви се долгорочните последици за потомството и колонијата, ниту дали овој процес се разликува во зависност од видот на пестицидот. Тоа ќе биде предмет на идни истражувања.
Извор:
021.rs
Фото: Magnific