3Д-печатени корали може да бидат спас за рибите

3Д-печатени корали може да бидат спас за рибите

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Еден од нуспродуктите на брзото загревање на планетата е тоа што рибите ги губат нивните домови, коралните гребени. Со зголемувањето на температурите на водата, закиселувањето на океанот, обелувањето на коралите и човековите активности, рибите сè повеќе се селат. Но, истражувачите од Универзитетот во Делавер смислиле начин на кој можат да им помогнат на бездомните риби - корали испечатени со 3Д-печатачи.

Даниел Диксон и Емили Рул во трудот објавен во списанието „ПЛОС Уан“ објаснуваат дека објектите испечатени со 3Д-печатачи не влијаат негативно на тоа како рибите поврзани со коралите се однесуваат или на преживувањето на коралите. Истражувачите се обидуваат да развијат начини за да ги задржат рибите на коралните гребени по вонредна состојба и да идентификуваат начини за спасување на гребените.

Истражувачите исто така откриле дека на рибите не им било гајле каков материјал бил искористен за да се испечатат коралите, што отвора пат за користење еколошки материјали за создавање лажни корали наместо потпирање на пластиката. Ова е важно откритие затоа што последното нешто што сакаат да го направат истражувачите е да испечатат корал кој може негативно да влијае врз однесувањето на рибите.

- Ако рибите на гребен не ги користат 3Д-печатените модели на корали како живеалиште во дивината, тоа може да ги стави во поголем ризик од ловење од други поголеми видови. Ако коралните ларви не се населат на 3Д-печатени материјали, тие не можат да помогнат во повторното градење на гребенот - вели Диксон, доцент на Школата за поморска наука и политика при Колеџот за Земја, океани и околина на Универзитетот во Делавер.

За да дојдат до заклучокот, истражувачите ги проучувале рибите „Damselfish“ и ларви на коралот „Porites astreoides“ во присуство на корален скелет и четири корали испечатени со 3Д-печатач. Четирите 3Д-печатени корали биле направени од различни филаменти кои се евтини и достапни, меѓу кои и полиестер, пченкарен скроб и пченкарен скроб комбиниран со пудра од не'рѓосувачки челик. Тие два материјала се биоразградливи.

По поставувањето на рибите во сад со коралниот скелет и лажниот корал, тие го проучувале однесувањето на рибите. Рибите не биле склони кон ништо. Нивоата на нивната активност исто така останале непроменети без оглед на коралното живеалиште.

- Мислев дека природниот скелет ќе измами покротко однесување во споредба со 3Д-печатените објекти, но потоа сфативме дека на малите корални риби не им е гајле што живеалиштето е вештачко или калциум карбонат, тие само сакаа заштита - истакнува Рул.

Истражувачите утврдиле и дека ларвите на коралот „Porites astreoides“ повеќе се населувале на 3Д-печатениот корал во споредба со немањето никаква површина за населување, што може да се случи ако коралните гребени се сплескани во бура. Истражувачите сега анализираат податоци од Фиџи, каде што поставиле 3Д-печатени корали и тули направени од биоразградливи филаменти од пченкарен скроб за да видат дали нешто ќе се насели на вештачките плочи.

- Нудењето на 3Д-испечатени живеалишта е начин за обезбедување структурна почетна опрема за гребенските организми, што може да стане дел од пејзажот додека рибите и коралите го градат нивниот дом околу вештачкиот корал - вели Диксон.