Мастите се акумулираат во белите дробови на луѓето со прекумерна тежина

Мастите се акумулираат во белите дробови на луѓето со прекумерна тежина

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Мастите може да се акумулираат во белите дробови на луѓето и се особено чести кај лицата што имаат прекумерна тежина или се дебели, утврдија научници.

Масното ткиво на ѕидовите на воздушните патишта ја менува нивната нормална структура, што води до воспаление кое може да предизвика бревтање и астма. Питер Нобл од Универзитетот во Западна Австралија, кој е коавтор на студијата, истакнува дека имањето вишок килограми или дебелината веќе биле поврзувани со астмата или имањето полоши симптоми на астма.

- Истражувачите посочуваат дека врската може да се објасни со директниот притисок од вишокот тежина на белите дробови или од генералното зголемување на воспалението создадено од вишокот тежина - вели Нобл.

Научниците разгледувале структури на 1.373 воздушни патишта во белите дробови на луѓе што ги донирале нивните тела за истражување. Тие ги проучувале белите дробови на 52 лица, меѓу кои и 15 што немале астма, 21 што имале астма, но починале од други причини и 16 што починале од астма.

Утврдиле дека акумулацијата на масно ткиво во белите дробови е поврзана со тежината на лицата, стои во трудот објавен во списанието „Јуропиан респиратори џурнал“.

- Утврдивме дека вишокот масти се акумулираат во ѕидовите на воздушните патишта, каде што заземаат простор и изгледа го зголемуваат воспалението во белите дробови. Мислиме дека ова предизвикува здебелување на дишните патишта, што го ограничува протокот на воздух во и надвор од белите дробови и тоа барем делумно може да го објасни зголемувањето на симптомите на астма - вели Нобл.

Истражувачите сега бараат нови начини за да го проучат масното ткиво во белите дробови.

- Ова е важно откритие за врската меѓу тежината и респираторните болести затоа што покажува како тоа што некој има прекумерна тежина или е дебел може да ги влошува симптомите за луѓето со астма. Треба да го испитаме ова подетално, а особено тоа дали феноменот може да биде спречен со губење на тежината. Во меѓувреме, треба да ги поддржиме пациентите со астма за да им помогнеме да постигнат или да одржат здрава тежина - истакна професорот Тиери Трустерс, претседател на Европското респираторно друштво.