Јапонија лансираше историска мисија до месечината на Марс - што ќе откријат примероците?

Јапонија лансираше историска мисија до месечината на Марс - што ќе откријат примероците?

Научниците се надеваат дека собраниот материјал од Марс ќе ги осветли потеклото на Сончевиот Систем и животот на Земјата.

Јапонија успешно лансираше вселенско летало во мисија за донесување примероци од една од месечините на Марс, за кои научниците се надеваат дека ќе го осветлат потеклото на Сончевиот Систем и животот на Земјата.

Вселенското летало „Маршан мунс експлорејшн“), придвижувано од од водечката јапонска ракета „Екс 3“, полета пред зори од островот Танегашима на крајниот југозапад од земјата, соопшти Јапонската агенција за истражување на вселената.

Се очекува леталото да стигне до орбитата на Марс во август следната година и да собере најмалку 10 грама почва и карпи од површината на Фобос, една од двете мали месечини со облик на компир што кружат околу планетата. Предвидено е да се врати во 2031 година.

Реки од магма некогаш копреле под кора на Марс, сугерира истражувањето.

Покриена со кратери, месечината со дијаметар од 22,5 километри кружи околу Марс трипати дневно на околу 6.000 километри над неговата површина.

Водечката ракета „Екс 3“ што ја носи беспилотната сонда полета во потполно темно небо од вселенскиот центар Танегашима во 4:41 часот наутро, пред очите на илјадници луѓе кои се разбудија рано за да го следат преносот во живо.

Еден час подоцна, научниците од Јапонската агенција за истражување на вселената го прогласија лансирањето за успешно кога вселенското летало се одвои од горниот степен на ракетата, што предизвика сцени на славење во контролната соба за летови.

 

НАСА успешно слета 9 вселенски летала на Марс во изминатиот половина век, како и Кина во 2021 година, но ова е првпат некој да се обиде да се спушти на Фобос или на помалата месечина на планетата, Дејмос.

- Има многу адреналин, многу возбуда и многу воодушевување - изјави астрофизичарот од НАСА, Том Статлер, кој е вклучен во проектот предводен од Јапонија за собирање примероци.

Пет вселенски агенции соработуваат во петгодишната мисија, која ќе се обиде да спушти роботски истражувач и ровер на Фобос, поголемата и поблиската од двете месечини.

Мисијата вредна 578 милиони долари вклучува летало од пет тони кое ќе се усогласи со тесната орбита на Фобос околу Марс кога ќе пристигне следното лето. Потоа ќе го исфрли малиот француско-германски ровер наречен „Идефикс“, именуван по белиот териер од стриповите за Астерикс.

Ако сè оди според планот, роверот ќе помине 100 дена во испитување на површината за да најде безбедни локации за слетување и земање примероци пред да пристигне главното летало, стационарно летало што ќе ги собира примероците.

Леталото ќе помине само два часа на Фобос дупчејќи и собирајќи материјал, пред повторно да полета во вселената. Официјалните лица соопштија дека тој ќе го набљудува Дејмос за време на неколку прелети пред да ја напушти орбитата на Марс во ноември 2030 година.

- Ова е шанса што се укажува еднаш во животот. Ние сме дел од првата мисија за враќање примероци од системот на Марс - рече шефот за роверот во Германската вселенска агенција, Маркус Гребенштајн.

Научниците се надеваат дека примероците ќе им помогнат да утврдат како се формирале Фобос и Дејмос, па дури и да понудат траги за потеклото на животот. Наодите исто така ќе помогнат во обликувањето на идните мисии на Марс, вклучително и експедиции со екипаж, соопшти НАСА.

Според една теорија, хипотезата за „џиновски удар“, двете месечини се формирале откако небесно тело се судрило со Марс. Втората претпоставка сугерира дека месечините се астероиди привлечени од гравитацијата на Марс.

САД и Кина се во трка кој прв ќе врати примероци од карпи од површината на Марс. Роверот „Персеверанс“ на „НАСА“, кој се движи низ Марс од 2021 година, веќе има собрано примероци, но неговото враќање на Земјата беше запрено од администрацијата на Трамп по гласањето во Конгресот во јануари оваа година.

Вселенското летало „Тијанвен-3“ на Кина е предвидено да се лансира околу 2028 година и би можело да донесе примероци од Марс уште во 2031 година, потенцијално пред враќањето на јапонската мисија на месечината.

Извор: The Guardian
Фото: Screenshot/YouTube