Зошто МОН повлекува учебници во основно и во средно училиште?

Зошто МОН повлекува учебници во основно и во средно училиште?

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

Националната комисија за учебници донесе одлука да се повлечат 14 учебници за седмо одделение во основното образование по повеќе предмети на македонски, албански, турски и на српски наставен јазик.

Дел од овие учебници се повлекуваат бидејќи за тие предмети веќе биле одобрени нови учебници, додека за друг дел, согласно новата Концепција за основно образование и новите наставни планови, воопшто не се предвидени учебници.

Од МОН велат дека прво повлекле од употреба 33 учебници за учениците од прво, второ, четврто и петто одделение затоа што се во петта година од употреба и е потребно осовременување на содржината.

- Министерството за образование и наука, преку Педагошката служба, спроведе низа активности со цел навремено обезбедување учебници за учениците во јавните основни и средни училишта. Во основно образование за учениците од I, II, IV и V одделение беа донесени Решенија за повлекување на учебници, со што беа повлечени вкупно 33 учебници. Учебниците се повлекуваат од употреба од следната учебна година, односно 2027/2028 година. Станува збор за учебници кои во моментот се во петта година од употреба и за кои е евидентна потребата да се унапредат во поглед на квалитет, како и да се осовременат во поглед на содржина. Министерството за образование и наука преку Педагошката служба објави Конкурс за учебници во основно образование за наведените одделенија, преку кој ќе се обезбедат нови учебници што ќе се користат од учебната 2027/2028 година - истакнаа од Министерството за образование и наука.

Со одлуката се предвидува одредени учебници што досега се користеле во наставниот процес да бидат повлечени со цел материјалите да се усогласат со современите образовни потреби. МОН повлекува од употреба и учебници за седмо и осмо одделение во основно образование, како и за прва и втора година во средно училиште.

Ова повлекување нема да ја засега тековната учебна година, туку ќе стапи во сила од почетокот на учебната 2027/2028 година.

- Министерството за образование и наука во минатиот период, по донесувањето нови наставни програми, обезбеди нови учебници за седмо и осмо одделение во основно образование, како и за прва и втора година во средно гимназиско образование. Со цел административно завршување на овие постапки, беа донесени решенија за повлекување од употреба на вкупно 108 учебници кои претходно беа во употреба, и тоа: во седмо одделение се повлечени 17 учебници, во осмо одделение 18 учебници во прва година 35 учебници, во втора година 38 учебници. Напоменуваме, повлекувањето на овие учебници е со цел административно докомплетирање на спроведените постапки. Сега веќе се обезбедени и се употребуваат нови учебници - истакнаа од МОН.

Во моментот активни се и конкурсот за учебници во IX одделение во основно образование, како и трета година во средно гимназиско образование. Овие учебници исто така ќе бидат достапни на почетокот на следната учебна година 2027/2028.

- Следната година ќе се распишат и постапки за обнова на учебниците од трето и шесто одделение во основното образование и за четврта година гимназиско образование, со што реформата на основното и средното гимназиско образование во делот на нови наставни помагала, односно учебници ќе биде целосно заокружена во еден мандат од 4 години - додадоа од Министерството за образование и наука.

Според одлуката донесена на седницата одржана на 9 октомври 2026 година, од употреба се повлекуваат следните учебници: Македонски јазик – од авторите Снежана Велкова и Соња Јовановска (одобрен во 2009 година), како и од Сузана Цветковиќ и Билјана Димковска (2009 г.); Албански јазик – од авторите Зихни Османи и Фејзи Бојку (2009 г.); Турски јазик – од авторот Осман Емин (2010 г.); Српски јазик – од авторите Добривоје Стошиќ и Билјана Георгиевска (2016 г.); Историја – од авторите проф. Ненад Нанески и проф. Бехар Мехмети (2005 г.), како и од проф. Милан Бошковски, проф. Неби Дервиши и проф. Јордан Илиоски (2005 г.); Географија – од авторот Благоја Марковски (2019 г.); Ликовно образование – од авторот Данчо Ордев (2008 г.), како и од Ана Цветкоска Панова и м-р Ангелина Дамјаноска Наумоска (2008 г.); Информатика – од авторката Андријана Томовска (2020 г.); Музичко образование – од авторите Фроска Дугановска Сапунџиева, Веселинка Маџарова и Фљурим Зуљфија (2020 г.); Физичко и здравствено образование – од авторот Златко Павловски (2008 г.) и Етика – од авторот Кирил Темков (2010 г.).

Фото: МОН