Ако богатите земји продолжат да ги купуваат вакцините за Ковид-19 со директни договори, сиромашните ќе се вакцинираат дури во 2024

Ако богатите земји продолжат да ги купуваат вакцините за Ковид-19 со директни договори, сиромашните ќе се вакцинираат дури во 2024

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Богатите земји ги купуваат вакцините уште пред да бидат одобрени, а тоа може да значи дека ќе има помалку достапни вакцини и одложувања во доставата на вакцините за милијарди луѓе кои живеат во помалку богатите земји, покажува ново истражување.

Се проценува дека богатите земји и средно богатите земји веќе купиле речиси 3,8 милијарди дози од вакцини против Ковид-19, а веројатно ќе купат уште 5 милијарди. Анализата покажува дека многу од овие земји ќе може да го вакцинираат своето население, а некои земји ќе може да ги вакцинираат жителите и повеќепати пред милијарди луѓе низ светот да добијат вакцина.

Експертите велат дека неколку земји го прекршуваат договорот за глобален систем за еднаквост во распределбата на вакцини. Земјите прават директни зделки со фармацевтските компании и истовремено учествуваат во мултилатерални платформи, што доведува до нееднаквост и може да ја продолжи глобалната пандемија.

Според анализата, ваквите договори може да го одложат пристапот до вакцина за големи региони, вклучувајќи ја и Супсахарска Африка, до средината на деценијата. Анализата покажува и дека ќе бидат потребни три до четири години за да се произведат доволно вакцини за целото население во светот, а речиси 4 милијарди дози од потенцијални вакцини се дел од билателарни договори направени со богатите земји. Се преговара за дополнителни 5 милијарди дози.


Фото: Pixabay

Во меѓувреме, во рамките на КОВАКС-механизмот се купени вакцини само за 250 милиони луѓе. КОВАКС-механизмот е договор на Светската здравствена организација (СЗО) и Глобалната алијанса за вакцини и имунизација со сите потенцијални пронаоѓачи на вакцина за рамномерно дистрибуирање на вакцините во земјите-потписнички.

Според анализата, потписнички на КОВАКС како Велика Британија, Европската Унија (ЕУ) и Канада преговараат за посебни договори иако се дел од механизмот, што ќе доведе до тоа да останат помал дел од достапните вакцини за рамномерна распределба. Во меѓувреме, ниту една сиромашна земја не направила директен договор за купување вакцини, што значи дека тие ќе бидат ограничени на вакцините преку КОВАКС.

Истражувачите проценуваат дека повеќето луѓе во сиромашните земји ќе чекаат до 2024 за да се вакцинираат против Ковид-19 доколку богатите земји продолжат да ги купуваат вакцините со директни договори. Канада и Велика Британија веќе купиле повеќе од доволно вакцини за целото население, а ЕУ договорила купување на 400 милиони дози за своите членки, иако е во преговори за повеќе вакцини и планира да договори речиси 2 милијарди дози.

САД, кои не е членови на КОВАКС-механизмот, веќе договориле купување доволно дози за 230% од населението и би добиле 1,8 милијарда дози, односно приближно една четвртина од достапните дози на глобално ниво.

Извор: weforum.org