Младите ја презедоа Владата и го одбележаа Светскиот ден на децата

Младите ја презедоа Владата и го одбележаа Светскиот ден на децата

На тема „За децата од децата - иднината на образованиетo“, тие отворено зборуваа за секојдневните проблеми со кои се соочуваат

Младите денеска ја презедоа Владата од возрасните, со што Македонија се вклучи во одбележувањето на Светскиот ден на детето. На тема „За децата од децата - иднината на образованиетo“, тие отворено зборуваа за секојдневните проблеми со кои се соочуваат, за врсничкото насилство, дека не сакаат да учат напамет, туку да го разберат и да научат да го применуваат тоа што го читаат. Младите зборуваа, а возрасните слушаа. Меѓу нив беа министрите Мила Царовска, Венко Филипче, Јагода Шахпаска и Насер Нуредини.

Состанокот на младите со Владата го организира УНИЦЕФ, во рамките на одбележувањето на 31-годишнината од донесувањето на Конвенцијата за правата на децата на Обединетите нации. Учесниците преку видеоконференциска врска ги поздрави премиерот Зоран Заев, кој рече дека конвенцијата е најшироко ратификуваниот документ во цел свет. Тој се осврна и на образованието.

- Оваа тема е сè поактуелна, се справуваме со стари и нови предизвици, Четврта револуција, треба да се движиме во сосема нови насоки. Определени сме да дизајнираме образовен систем кој ќе создава личности што критички ќе размислуваат, кои ќе ги толерираат граѓанските права и различностите. Пандемијата покажа колку е важно образовниот систем да се менува и да се приспособува - рече Заев.

Дејвид Гир, амбасадор на Европската Унија во земјава, ја раскажа анегдотата кога прашал млад волонтер зошто сака да биде дел од акциите на ЕУ
- „Зашто не сакаме да бидеме генерација која се жали и ништо не презема“. Ме одушеви оваа изјава. Ако сакаме напредно општество, образованието треба да ги опреми младите да бидат подготвени за пазарот на трудот, да вложува во нивниот развој - рече Гир.

Патриција ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ во нашата земја, рече дека вторпат се заеднички домаќини на состанокот на високо ниво меѓу владата и младите.

- Цела година живееме во едно невидено време, момент во историјата кој ниедна генерација не го доживеал, но младите тоа го доживуваат на посебен начин. Пандемијата откри многу дупки во системот. Да слушнеме како младите и децата сакаат да го осмислат светот, како да се подобри образовниот систем. Не се работи за тоа како да се вратиме во времето пред пандемијата, тоа не беше доволно добро. Да размислиме како да се вратиме во една подобра верзија на општеството, во систем со помалку сиромаштија и нееднаквост - рече Ди Џовани.