Почина Драган Б. Костиќ, човекот чиј глас со децении ја обликуваше македонската радио-култура
Денес, на 75-годишна возраст, почина Драган Б. Костиќ, еден од најпознатите и највлијателни радиоводители и музички новинари во македонската медиумска историја и еден од најпрепознатливите гласови во нашата земја. Веста за неговата смрт ја потврди неговиот син, Бане Костиќ, преку објава на социјалните мрежи.
Драган Б. Костиќ е роден на 10 јуни 1950 година во Скопје и преку неговата петдецениска работа остави траен печат во македонското радио. Кариерата ја започнал во Македонското радио во 70-тите години, каде стана препознатлив по емисиите „Диско селектор“ и „Заборави ако можеш“, кои го обележаа радиофонискиот етер и ги забавуваа генерации слушатели.
Тој беше познат и по други радио-формати како „Радио урнебес“, „Кавервил“ и „Чартфајл“, а во 2018 година го почна и телевизискиот проект „Б со точка“, која се емитуваше две сезони. Со заминувањето на Костиќ, македонската културна и медиумска сцена изгуби еден од најпрепознатливите и највлијателни гласови.