Социјалната моќ на настаните во живо

Социјалната моќ на настаните во живо

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Голем број истражувања покажале дека социјалната поврзаност е од клучно значење за нашето физичко и ментално здравје. Голем дел од овие истражувања се фокусирале на важната улога на блиските врски, како што се романтичните партнерства, пријателствата и семејните односи. Сепак, некои истражувања покажуваат дека слабите врски - пократките и повремените врски - исто така можат да бидат корисни.

Па, како луѓето можат да ја зголемат својата поврзаност со други луѓе, преку силни и слаби врски? Една можност, истражена во нова студија, детектира како присуството на различни видови настани во живо може да придонесе за чувство на поголема социјална поврзаност кај индивидуите.

Истражувачите ја истакнуваат важната улога што присуството на настани во живо може да ја игра во создавањето чувства на припадност и поврзаност. Секако е документирано дека осаменоста се зголемила за време на пандемијата на ковид-19, кога бизнисите беа затворени, беа во сила правила за социјално дистанцирање и многу луѓе ги избегнуваа своите нормални социјални интеракции. Но, помалку дискутирано беше дека луѓето не можеа да учествуваат и во настани во живо, како што се концерти, часови по фитнес, вечери со игри и спортски настани.

Овие видови настани ни овозможуваат да се поврземе со блиски луѓе кои нè придружуваат на настаните, како и со странци што ги среќаваме кога сме таму. Ова би можело да го направи присуството на настани во живо особено богата можност за социјална врска.

Студија: Настаните во живо и осаменоста

Научниците анкетирале 1.551 корисник на популарна веб-страница за управување со настани и билети. Корисниците биле анкетирани и пред и по присуството на настани. Истражувачите ги класифицирале настаните на шест димензии:


-Активни наспроти пасивни: Пасивните настани вклучуваат присуство во публика, како што е концерт или филм, додека активните настани вклучуваат директно учество, како што е час по фитнес или активност базирана на хоби.

-Со други наспроти сами со други: Настаните биле класифицирани како со други ако учесниците пријавиле дека присуствувале на настанот со пријатели, членови на семејството или романтични партнери, и биле класифицирани како сами со други, ако присуствувале на настанот сами, опкружени со други непознати луѓе.

-Во затворен простор наспроти на отворено.

-Повторувачки наспроти еднократно.

-Платени наспроти бесплатни.

-Лично наспроти виртуелно.


За да утврдат колку овие настани ги тераат луѓето да се чувствуваат поврзани едни со други, истражувачите ги замолиле учесниците да го оценат своето чувство на уживање и социјална врска веднаш по настанот. Истражувачите, исто така, го следеле нивото на осаменост и позитивното расположение на учесниците во деновите по присуството на настанот.

Резултати: Моќта на настаните во живо, активните настани

Луѓето се чувствувале повеќе социјално поврзани кога присуствувале на настани во живо (наместо виртуелни), кога активно учествувале во настанот, кога присуствувале со други луѓе и кога настаните се повторувале, а не се случувале еднаш. Активното учество имало најсилни ефекти.

Меѓутоа, кога истражувачите ги разгледале ефектите од присуството на настани врз дневното расположение, сликата не била сосема позитивна. И виртуелните настани и настаните на отворено го зголемиле чувството на поврзаност, но исто така ги зголемиле и дневните чувства на депресија, осаменост, анксиозност и социјална анксиозност следниот ден.

Што ни кажува ова за нашиот социјален живот?

Едно големо ограничување на наодите било тоа што истражувачите ги испитале само ефектите од различните видови присуство на настани. Затоа, не е јасно како посетувањето настани се споредува со различните начини да не се присуствува на нив, како што е поминување време сами или поминување време со други без да се присуствува на настан.

Сепак, ова истражување покажува дека еден начин да се чувствувате поврзани е да присуствувате на настани, особено на оние што ве тераат активно да учествувате, како што се часови по готвење, фитнес или уметност, клубови ориентирани кон хоби или вечери со игри. Ова е особено важно за луѓето што можеби немаат толку многу социјални врски во својот живот, на пример, оние што неодамна се преселиле на ново место.

Извор: psychologytoday.com

Фото: Freepik