„Вечните хемикалии“ во водата за пиење се поврзани со зголемен ризик од проблеми при породување
Кога бремените жени пијат вода што доаѓа од бунари од места контаминирани со ПФАС, познати како „вечни хемикалии“, ризиците за здравјето на нивните бебиња значително се зголемуваат, открива нова студија. Овие ризици вклучуваат можност за ниска родилна тежина, предвремено породување и смртност кај новороденчињата.
Уште позагрижувачки е што економски истражувачи и хидролози откриле дека изложеноста на овие хемикалии ја зголемува веројатноста за екстремно мала тежина и екстремно предвремени породувања, кои се силно поврзани со доживотни здравствени предизвици.
Што покажале примероците на вода од бунарите за ризиците од ПФАС?
ПФАС, или перфлуороалкилни и полифлуороалкилни супстанции, го привлекоа вниманието на јавноста и регулаторите во последниве години - со добра причина. Овие вештачки соединенија перзистираат во животната средина, се акумулираат во човечките тела и можат да предизвикаат штета дури и при екстремно ниски концентрации.
Најновите сознанија за репродуктивните ефекти на супстанциите доаѓаат од лабораториски студии на животни, како што се стаорци, или од корелации помеѓу нивоата на ПФАС во човечката крв и здравствените исходи.
И двата пристапа имаат важни ограничувања. Стаорците и луѓето имаат различни тела, изложености и услови за живот. А независните фактори, како што е функционирањето на бубрезите, во некои случаи може да бидат вистински двигатели на здравствените проблеми.
Тимот ги разгледал локациите на бунарите што ги снабдуваат жителите на Њу Хемпшир (сојузна држава во САД) со вода за пиење и како тие локации се поврзани со резултатите. Собрале податоци за сите раѓања во државата од 2010 до 2019 година и се фокусирале на 11.539 раѓања што се случиле во радиус од 5 километри од место за кое се знае дека е контаминирано со ПФАС и каде што мајките биле опслужувани од јавните системи за вода. Дел од контаминацијата доаѓа од индустриите, а друг од депонии или активности за гаснење пожари.
ПФАС од контаминираните места полека мигрираат надолу низ почвата во подземните води, каде што се движат низводно со протокот на подземните води.

Бремените жени чии домови добивале вода од бунарите веројатно биле изложени на ПФАС од самата контаминирана локација, но оние што добивале вода од бунарите со вода која се снабдувала преку спротивен правец од нејзиното течение, не требало да бидат изложени на супстанциите.
Поврзаност на ПФАС со најризичните породувања
Првата група жени имале во просек 43 % поголема шанса да имаат бебе со мала тежина, под 2.500 грама при раѓање отколку оние од втората група. Оние што добивале вода низводно имале 20 % поголема шанса за предвремено породување (пред 37 недели) и 191 % поголема шанса бебето да не ја преживее својата прва година.
Третман на ПФАС
Супстанциите се наоѓаат во многу видови производи и постојат многу начини за изложеност, вклучително и преку храна. Ефективниот третман за отстранување на ПФАС од водата е област на тековни истражувања, но некои од супстанциите може да се отстранат од водата преку филтри со активен јаглен, или на ниво на комунално претпријатие или во самиот дом.
Доколку бремените жени се сомневаат дека нивната вода за пиење може да содржи ПФАС, треба сериозно да размислат за инсталирање филтри за вода што можат да ги отстранат супстанциите од водата, а потоа редовно да ги менуваат тие филтри.
Извор: sciencealert.com
Фото: Freepik