Во најсреќниот град во Европа кралицата оди на работа со велосипед
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Данската престолнина со години се наоѓа на врвот на европските и светските листи за квалитет на живот, а начинот на кој функционира привлекува големо внимание.
Копенхаген е еден од оние градови што не се обидуваат веднаш да ви се допаднат, но со време полека ви се вовлекуваат под кожа. На хартија изгледа како уредна, смирена и малку воздржана европска престолнина, но по неколку дена станува јасно дека зад таа слика се крие град полн со необични идеи, слобода и неочекувани контрасти.
Копенхаген е еден од најсреќните градови во светот
Копенхаген со години се појавува на самиот врв на меѓународните истражувања за квалитет на живот, задоволство на жителите и рамнотежа помеѓу приватниот и професионалниот живот. Но, овие податоци во градот не се доживуваат како титули со кои треба да се фалат, туку како нешто што се подразбира и се живее секојдневно. Доволно е да се прошетате по улиците за да ви стане јасно зошто за данската престолнина се зборува токму на тој начин.
Градот ја нема нервозата на големите метрополи, ниту постојаната напнатост што се чувствува во средини каде што сите постојано брзаат некаде. Причината за тоа не е една голема идеја, туку низа мали и доследни одлуки. Целиот град е уреден така што секојдневниот живот се одвива без непотребни пречки. Јавниот превоз функционира беспрекорно и многу основни работи за луѓето се достапни буквално на секој чекор. Луѓето овде едноставно немаат чувство дека градот постојано им го отежнува животот или нешто им одзема. Напротив, Копенхаген кон своите жители се однесува како кон најдобар пријател.
Петпати повеќе велосипеди отколку автомобили
Уште по првите неколку часа во Копенхаген ќе ви стане јасно колку е длабоко вграден велосипедот во секојдневниот живот на градот. Се проценува дека има околу петпати повеќе велосипеди отколку автомобили, а таа бројка најдобро објаснува како функционира целиот град. Во данската престолнина постојат повеќе од 400 километри јасно одвоени велосипедски патеки кои ги поврзуваат сите делови на градот и околината, па одењето на работа, во училиште или во продавница со велосипед е исто толку природно како и пешачењето.
Велосипед возат луѓе од сите генерации, а според локалните медиуми, дури и данската кралица доаѓа на работа со велосипед, нешто што во овој град не привлекува посебно внимание. Велосипедот во Копенхаген не е симбол на екологија или моден тренд, туку темел на сообраќајниот систем и една од причините зошто градот се доживува како едноставно и пријатно место за живот.
Еколошка фабрика за отпад, а над неа патека за скијање
„Копенхил“ е фабрика за управување со отпад која во исто време е електрана, архитектонска атракција и јавен рекреативен простор. Станува збор за фабрика за отпад која дневно обработува околу илјада тони ѓубре што не може да се рециклира и притоа произведува енергија доволна за десетици илјади домаќинства, а речиси воопшто не го нарушува животот во околните населби.
Наместо да се крие или да се доживува како нужно зло, оваа инфраструктура во Копенхаген е претворена во простор што граѓаните активно го користат. На нејзиниот покрив се наоѓа вештачка скијачка патека отворена преку целата година, пешачки патеки, зелени површини и карпа за качување висока околу 80 метри. Сето тоа е дел од истата идеја според која градот не го одвојува функционалното од пријатното, ниту инфраструктурата од јавниот живот. „Копенхил“ денес е еден од најубедливите примери за тоа како Копенхаген размислува за одржливоста.
Зошто Копенхаген е посебен?
За Копенхаген би можело да се пишува уште многу, но за крај вреди да се издвојат неколку факти. „Хиге“, поимот често поврзуван со Данска, овде не е апстрактна идеја, туку дел од секојдневието. Во центарот на градот се наоѓа и „Тиволи“, најстариот активен забавен парк во светот, отворен во 1843 година.
Копенхаген е и еден од ретките европски градови каде што луѓето летно време се капат на градските пристаништа, благодарение на високата чистота на водата. Градот се истакнува и со гастрономската сцена, со многубројни ресторани со Мишелин ѕвезди. Сето тоа заедно објаснува зошто Копенхаген редовно се наоѓа меѓу најпосакуваните градови за живот во Европа.
Извор:
Putnikofer.hr
Фото: Freepik