АДХД - синдром на невнимание - хиперактивни деца

АДХД - синдром на невнимание - хиперактивни деца

АДХД - синдром на невнимание, а кај општата популација уште познат како хиперактивни деца, е најчестиот синдром што го афектира менталниот развој кај децата. Не е исклучена и можноста да перзистира и кај возрасни. Симптоми на АДХД вклучуваат невнимание (неможност на детето да остане фокусирано на зададената задача), хиперактивност (зголемена подвижност во текот на извршување одредени задачи) и импулсивност.

Синдромот на невнимание и хиперактивни деца најчесто првпат се забележува кога децата се на школска возраст, чии нарушувања тогаш се забележуваат при извршување на школските активности. Почесто е застапено кај момчиња отколку кај девојчиња.

Симптоми и дијагноза на синдромот на невнимание, хиперактивни деца

Многу од симптомите на АДХД, на пример, голем степен на активност, неможност на детето да биде мирно подолго време и лимитиран распон на внимание, се карактеристично нормални и за мали деца. Разликата меѓу децата без и децата со АДХД се состои во нивната хиперактивност и невнимание, кои се значително поголеми од очекуваните за школска или претшколска возраст и предизвикуваат вознемиреност и/или проблеми во текот на нивните функции дома или на училиште со преостанатите деца од опкружувањето.

Има три типа на овој синдром, и тоа: - невнимателен тип, хиперактивен/импулсивен тип и комбиниран тип. Дијагнозата на овие типови се врши врз база на симптомите што се појавиле во период од шест месеци наназад.

Невнимателен тип на АДХД - најчесто се среќаваат следниве симптоми: детето не обрнува внимание на деталите и прави невнимателни грешки при решавање на работните задачи или во училиште, неможност на детето да биде фокусирано во текот на извршување и решавање на дадените активности, на пример, при долго читање, следење на предавањата во училиште итн. Во текот на часовите и за време на предавањата изгледа како детето да е отсутно и не следи ништо, не ги извршува училишните и домашните задачи (започнува со извршување на задачите, но набргу се откажува бидејќи го губи фокусот), има проблем со организирање на работните задачи, избегнува или не сака задачи што бараат постојан ментален напор, често губи работи, на пример, тетратки, хартии, книги, клучеви, паричник, мобилен телефон, очила и сл., многу мали ситници му го одземаат вниманието, лесно станува расеано дете и заборава да ги изврши домашните задачи и други зададени обврски.


Д-р Нада Мурџевска

Хиперактивен/импулсивен тип на АДХД се карактеризира со следниве симптоми: се нервира или чука со рацете и нозете, или пак се грчи на седиште во автомобил, не може да остане на едно место подолго време, на пример, во училница или на работно место, трча или се качува на несоодветни места, секогаш е во движење, многу зборува, се карактеризира со нестрпливост, односно има тешкотии да го чека својот ред, прекинува разговори, игри и активности на преостанатите деца во училиштето.

За едно дете да се дијагностицира со невнимателен тип на АДХД или пак со хиперактивен/импулсивен тип на АДХД, потребно е да има пет или шест од набројаните симптоми.
Не постојат одредени специфични тестови што се прават за дијагностицирање на АДХД. Поставувањето дијагноза на АДХД се состои во собирање информации за бихевиоралното однесување на детето, овие податоци се собираат од опкружувањето на детето. Со други зборови, поставувањето на дијагнозата вклучува собирање информации од родителите, наставниците во училиштето, преостанатиот училиштен персонал, проверка и медицинска евалуација на детето, скрининг на видот и слухот со цел да се исклучат други медицински проблеми.

Третман и терапија на АДХД

Третманот на децата со синдром на невнимание - хиперактивни деца се состои во бихевиорална терапија и медикаментозна терапија. Студиите покажуваат дека комбинацијата од бихевиоралната и медикаментозната терапија дава добри резултати кај повеќето деца, вклучувајќи ги и тие со среден и тежок степен на АДХД.

Во зависност од возраста на детето, зависи и изборот на третманот што ќе се употреби. Така, кај деца помали од шест години третманот е чисто бихевиорален. Кај деца од шест до дванаесет години се препорачува комбинација од бихевиорален третман и медикаментозна терапија.
Акцентот на бихевиорална терапија се состои во менаџирање на симптомите на АДХД, суштината на овој бихевиорален третман се состои во обука на родителите и наставниците, како и нивна спремност во справување со однесувањето на детето кај кое е дијагностицирано АДХД.

Медикаментозната терапија се состои во избор на два вида медикаменти, и тоа: нон-стимуланти и стимуланти. Резултатите по примена и на медикаментозната терапија и бихевиоралната терапија се со задоволувачки резултати.

Автор: д-р Нада Мурџевска,
ПЗУ Добровоцки- Струга