Истражување открива зошто некои луѓе се опиваат без да пијат алкохол

Истражување открива зошто некои луѓе се опиваат без да пијат алкохол

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Во најголемо истражување од ваков вид научниците потврдија дека бактериите, а не габите, се главниот виновник за синдромот на „автопивара“(auto-brewery syndrome - ABS), ретко медицинско нарушување при кое луѓето се опиваат по јадење иако не пиеле алкохол.

Анализирајќи примероци од столица од 22 пациенти со дијагностициран ABS и од нивните здрави партнери со кои живеат, истражувачите идентификувале два вида бактерии кои се значително позастапени кај лицата со синдромот. Со тоа се зацврстуваат наодите од истражувањето објавено во 2019 година.

Иако случаите на синдромот на автопивара ретко се дијагностицираат и сè уште нема уникатен став за третман, ова истражување е значајно бидејќи опфаќа пациенти кои биле темелно тестирани. Нивните цревни бактерии, при лабораториски експерименти, произведувале високи нивоа на етанол.

- Многу пациенти посетуваат повеќе медицински центри, но се отфрлаат како тајни алкохоличари и заминуваат без дијагноза - пишува истражувачкиот тим предводен од експертот за инфективни болести Елизабет Хоман од болницата во Масачусетс и гастроентерологот Бернд Шнабл од Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего.

Зголемените нивоа на етанол во нивното тело често доведуваат до оштетување на црниот дроб, како и до сериозни социјални, семејни и правни проблеми.

Новото истражување произлегло откако микробиологот Џинг Јан од Пекиншкиот институт за педијатрија била преплавена со повици од пациенти кои сакале да бидат тестирани за ABS.

Во 2019 година таа објави истражување во кое како главен причинител ја посочи бактеријата „Klebsiella pneumoniae“, наместо квасецот, како што претходно се претпоставувало. Иако не учествувала во новото истражување, таа ги упати пациентите кај Шнабл, кој потоа започна со регрутација за продолжено истражување.

Што покажале резултатите?

Споредбата на цревните микроорганизми кај пациентите со ABS и кај нивните здрави домашни партнери овозможила контрола на факторите како исхраната и животната средина.

Истражувачите откриле дека бактериите од пациентите што имаат активни симптоми произведуваат значително повеќе етанол отколку кај здравите лица. Ова директно се поклопувало со измерените нивоа на алкохол во крвта.

Кај еден пациент симптомите значително се подобриле откако примил две трансплантации на бактерии од здрав донатор со цел ресетирање на цревната микрофлора. Тој останал во ремисија повеќе од 16 месеци, а неговото семејство вели дека неговото нормално однесување се вратило.

Наодите сугерираат дека олеснувањето на симптомите кај пациентите со ABS може да се постигне преку поттикнување или внесување други соеви на цревни бактерии преку промени во исхраната или пробиотици кои поефикасно го разградуваат етанолот. Сепак, Шнабл не ја исклучува можноста дека кај некои случаи причината може да бидат и габи или квасци.

Извор: Science Alert
Фото: Wikipedia