Како играчка од 90-тите години ја освои генерацијата З?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Јапонските играчки „тамагочи“ беа апсолутен хит во 90-тите години, но виртуелните миленици што бараат храна, внимание и грижа денес привлекуваат големо внимание.
Овој пат не само меѓу носталгичните родители, туку и меѓу припадниците на генерацијата З, на кои ретро-естетиката и едноставната забава повторно им стануваат привлечни.
Од лансирањето до денес, низ светот се продадени повеќе од 100 милиони од овие џебни, пластични играчки во форма на јајце. Името „тамагочи“ настанало со спојување на јапонските зборови за „јајце“ и „часовник“, а во последните години оваа играчка сè почесто се носи и како моден додаток.
Седум пати поголем интерес од порано
Продажбата на производи „тамагочи“, без видеоигри, пораснала дури седум пати во периодот од 2019 година наваму. Младите ги доживуваат како пауза од постојаното присуство на социјалните мрежи.
„Тамагочи“ функционира како дигитален миленик за кој корисникот мора да се грижи. Го храни кога е гладен, го лекува кога е болен и го следи неговиот развој. Начинот на кој корисникот се однесува кон него директно влијае врз тоа како ќе „порасне“, а занемарувањето може да доведе и до негово исчезнување.
Токму затоа многу родители денес сакаат нивните деца да го доживеат искуството кое и самите го имале - играчка која забавува, но и учи на одговорност.
Меѓу 100. најдобри играчки на сите времиња
Минатата година британскиот синџир „Хамлис“ го вклучи „тамагочи“ на листата со 100 најдобри играчки на сите времиња, рамо до рамо со лего-коцките и Рубиковата коцка. Овој потег дополнително го зацврсти нејзиниот статус на култна играчка што ги надминува генерациските граници.
„Тамагочи“ слави 30 години
По повод 30-годишнината на „тамагочи“, компанијата „Бандаи намко“ отвори специјална изложба. Посетителите влегуваат низ огромно бело јајце, а внатре ги пречекуваат инсталации приспособени за фотографирање, како и просторија со различни модели што се појавиле во текот на трите децении.
Речиси половина од вкупната продажба е остварена во Јапонија, додека една третина доаѓа од Северна и Јужна Америка. Остатокот од светот засега значително заостанува, но интересот постојано расте.
„Тамагочи“ е уште еден доказ дека старите идеи, кога ќе се спојат со носталгија и современ стил, можат успешно да се вратат на големата сцена. Во време на дигитално преоптоварување, едноставната играчка од минатото стана симбол на побавна, поопуштена и посвесна забава.
Извор:
BIZlife.rs
Фото: Unsplash