Милиони наседнаа: како ВИ-моделот Нија Ноар го измами интернетот
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Модел создаден со вештачка интелигенција, Нија Ноар, собра милиони прегледи и следбеници на социјалните мрежи, што ги поттикна експертите да објаснат како да се препознае содржина генерирана од вештачка интелигенција.
Генеративната вештачка интелигенција (ВИ) во последните месеци значително напредуваше, при што беа коригирани претходните проблеми со неправилно прикажување на рацете и прстите.
Еден од примерите што убеди милиони луѓе е тик-ток профилот на „моделот“ Нија Ноар, кој во моментов има околу 2,7 милиони следбеници, а едно од нејзините видеа достигна речиси 199 милиони прегледи. Но, проблемот е што Нија Ноар не е вистинска личност, туку е целосно генерирана со помош на ВИ-технологија.
Корисниците забележаа дека танцувањето во нејзините видеа, а понекогаш и облеката, целосно се совпаѓаат со оние што ги објавиле вистински креатори на содржина. Дополнително, заднината во нејзините видеа често е целосно статична, дури и во исечоци каде што наводно се наоѓа на отворено, а при поблиско гледање се забележува дека не се вклопува целосно со нејзиниот лик.
Знаци што откриваат ВИ-содржина
Константин Левинзон, коосновач на „Планет Ви-пи-ен“, сподели неколку знаци кои можат да укажат дека нешто е генерирано со вештачка интелигенција.
- ВИ честопати има проблеми со екстремитетите и зглобовите; уште еден црвен аларм кај ВИ-генерираните фотографии и видеа е кожата на лицето. Кај вистинските фотографии обично може да се забележат микродетали, дури и при силна шминка или обработка - вели тој и додава дека ваквите слики често изгледаат поинаку од реалните фотографии.
Несовпаѓање меѓу заднината и ликот
Левинзон на крајот укажа и на проблемите со заднините. Кај сликите генерирани со вештачка интелигенција често постои несогласување меѓу заднината и субјектот.
- На сликите со Нија заднината изгледа како рамна текстура со ниска резолуција, додека ликот е прекумерно „исполиран“ - објаснува Левнизон.
Не е познато кој стои зад профилот, ниту дали Нија е базирана на одредена личност или е резултат на комбинирање фотографии од различни жени. Сепак, и покрај очигледните знаци што упатуваат на користење вештачка интелигенција, содржината била доволно убедлива за милиони корисници на социјалните мрежи.
Извор:
6yka.com
Фото: Screenshot/Tik-tok