Нов метод ги предвидува нападите на астма пет години однапред
Истражувачи откриле нов метод за предвидување егзацербации на астма со висок степен на точност.
Астмата е едно од најчестите хронични заболувања во светот, која зафаќа над 500 милиони луѓе. Егзацербациите на астма - попознати како напади на астма - се главна причина за морбидитет од болести и трошоци за здравствена заштита.
И покрај преваленцијата на астма, медицинските научници во моментов немаат сигурни биомаркери за да идентификуваат кои пациенти се изложени на висок ризик од идни напади. Сегашните методи честопати не успеваат да направат разлика помеѓу стабилни пациенти и оние склони кон тешки егзацербации.
Студијата анализирала податоци од три големи групи со астма со вкупно 2.500 учесници, поткрепени со децении електронски медицински досиеја. Истражувачите користеле пристап со висок проток наречен метаболомика - за мерење мали молекули во крвта на лицата со астма. Тие идентификувале важна врска помеѓу две класи на метаболити, сфинголипиди и стероиди, и контролата на астмата. Поточно, тие идентификувале дека соодносите на сфинголипидите и стероидите можат да го предвидат ризикот од егзацербација во период од 5 години. Во некои случаи моделот може да го разликува времето до првото влошување, помеѓу групите со висок и низок ризик за речиси цела година.
Импликации за грижата за астматичарите
- Еден од најголемите предизвици во лекувањето на астмата е тоа што во моментов немаме ефикасен начин да кажеме кој пациент ќе има тежок напад во блиска иднина. Нашите наоди решаваат критична незадоволена потреба. Со мерење на рамнотежата помеѓу специфичните сфинголипиди и стероиди во крвта можеме да идентификуваме пациенти со висок ризик со точност од 90 %, дозволувајќи им на лекарите да интервенираат пред да се случи нападот - истакнала Џесика Ласки-Су, вонреден професор на Медицинскиот факултет при „Харвард“.
Тимот открил дека иако индивидуалните нивоа на метаболити даваат одреден увид, односот помеѓу сфинголипидите и стероидите е најмоќниот предвидувач за идното здравје.

- Откривме дека интеракцијата помеѓу сфинголипидите и стероидите го одредува профилот на ризик. Овој пристап на сооднос не е само биолошки значаен, туку и аналитички робустен, што го прави многу погоден за развој во практичен, економичен клинички тест - вели Крег Е. Вилок, главен истражувач во Одделот за еколошка медицина при „Каролинска институтет“.
Следни чекори и идни истражувања
Истражувачите веруваат дека овие наоди претставуваат значаен чекор кон прецизна медицина за астмата како заболување. Клиничкиот тест базиран на овие соодноси би можел лесно да се имплементира во стандардни лаборатории помагајќи им на лекарите да идентификуваат пациенти кои изгледаат стабилни, но имаат основни метаболички дисбаланси.
Сепак, истражувачите нагласуваат дека резултатите треба дополнително да се потврдат пред тестот да може да се користи во клиничката практика. Меѓу другото, потребни се повеќе студии за пациенти со астма, вклучувајќи директни клинички испитувања и анализи на економичноста на тестот.
Извор: medicalxpress.com
Фото: Freepik