„Нвидија“ ги обучила своите јазични модели преку користење милиони пиратски книги

„Нвидија“ ги обучила своите јазични модели преку користење милиони пиратски книги

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

„Нвидија“ се соочува со сериозни обвиненија наведени во групна тужба поднесена од група книжевници - компанијата е обвинета за свесно користење милиони пиратски книги за обука на своите јазични модели, под притисок од пазарот на вештачка интелигенција.

Прочитани 500 терабајти податоци

Клучен доказ се внатрешни е-пораки и документи кои посочуваат дека „Нвидија“ директно контактирала со „Анас архив/Anna’s Archive“, платформа позната како еден од најголемите центри за пиратски материјал на интернет. Тужителите тврдат дека претставниците на „Нвидија“ побарале брз пристап до податоците на нелегалната библиотека.

Во документите се наведува дека „Анас архив“ ги предупредила претставниците на „Нвидија“ дека колекциите книги се стекнати нелегално. И покрај овие предупредувања, менаџментот на „Нвидија“ дал зелено светло за продолжување на соработката и компанијата добила пристап до приближно 500 терабајти податоци, вклучувајќи милиони дела заштитени со авторски права. Не е познато дали и колку платиле за овој пристап.

Повреда на авторските права

Случајот претставува значително проширување на оригиналната тужба од 2024 година, која се фокусира на збирката податоци „Букс3“. Таа збирка содржеше дела преземени од пиратската страница „Библиотик“, но новите покажуваат дека „Нвидија“ користела и други нелегални извори - со други зборови, ја зела речиси целата пишана содржина до која можела да дојде.


Додека „Нвидија“ претходно се бранеше со аргумент за „фер употреба“, тврдејќи дека книгите за нивните модели биле само статистички корелации, а не дела заштитени со авторски права, тужителите сега нагласуваат дека таквото однесување е директно и свесно кршење на законот.

„Нвидија“ беше обвинета и за дистрибуција на алатки и скрипти што им овозможувале на нејзините клиенти автоматски да преземаат пиратски бази на податоци. Компанијата се товари не само за директно кршење на авторските права, туку и за придонесување кон нелегална дистрибуција, што наводно резултирало со значителна финансиска корист.

Извор: bug.hr

Фото: Freepik