Саркастичната петиција со која Данска се повикува да ја „купи“ Калифорнија ја потпишаа над 280.000 луѓе
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Саркастичната петиција со која се повикува Данска да ја „купи“ Калифорнија собра повеќе од 280.000 потписи, како одговор на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за намерата САД да го преземат Гренланд.
Кампањата, покрената на веб-страницата Denmarkification.com под слоганот „Да ја направиме Калифорнија повторно голема“, замислува свет во кој Данска ја купува најнаселената американска сојузна држава, ја преименува во „Нова Данска“, а Дизниленд во „Земјата на Ханс Кристијан Андерсен“.
Петицијата ја прикажува „купопродажбата“ на Калифорнија на шеговит начин, користејќи јазик сличен на поновите изјави на Трамп за Гренланд. Се предлага Данска да игра „по правилата на САД“, а се ветуваат велосипедски патеки во Беверли Хилс, како и Мики Маус со викиншка кацига.
Во описот е наведено и дека кампањата е „сто отсто реална во нашите соништа“.
Организаторот на петицијата, Касвиер Дуто, кој е со швајцарско-француско потекло, изјави дека идејата ја добил додека бил на одмор на Филипините, каде што слушнал американски турист како дискутира за понудата на Трамп за Гренланд. Подоцна ги вклучил своите дански пријатели и концептот го претворил во сатира што за брзо време станала вирална.
- Американецот како да не сфаќаше колку е тоа ненормално и апсурдно. Претседател на која било земја, особено на стабилна демократија каква што се САД, да понуди или да се закани со преземање територија на друга суверена држава - изјави Дутo.
Со покренувањето на петицијата, како што вели тој, сакал да укаже колку се апсурдни тврдењата на Трамп во врска со Гренланд.
Извор:
021.rs
Фото: Pixabay