Шест научни труда ќе бидат услов за добивање звање редовен професор, а на секои седум години ќе се врши реизбор - предвидува новиот Закон за високо образование

Шест научни труда ќе бидат услов за добивање звање редовен професор, а на секои седум години ќе се врши реизбор - предвидува новиот Закон за високо образование

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

Новиот Закон за високо образование, кој деновиве ќе се најде на јавен увид преку системот ЕНЕР каде што ќе можат сите засегнати да достават забелешки, предвидува сериозни промени во начинот на избор на професорите, во начинот на финансирање на универзитетите и во начинот на детектирање на плагијатите во научните трудови.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска објасни дека во новото законско решение планираат да ги вратат критериумите за избор во универзитетски звања, при што за редовните професори се воведува реизбор на секои седум години, а за менторите на секои пет години.

Универзитетските професори, по изборот на функцијата, на секои седум години ќе одат на реизбор за да си ја задржат позицијата. Во спротивно, ќе им престане работниот однос и ќе мора да бараат друго работно место.

На брифингот со новинари Јаневска рече дека повторно ја враќаат обврската укината во време на министерувањето на Рената Дескоска. Во новите законски одредби има повеќе новини.

- Прво, ќе ги вратиме критериумите за напредување во звања. Министерката Дескоска комплетно ги укина и тогаш ни се случи падот на високото образование, кое и претходно не беше на високо ниво. За редовните професори воведуваме реизбор на секои седум години. Досега, тие на 40 години стануваа редовни професори и мирно си ја чекаа пензијата на 67 години имајќи го звањето доживотно. Сега, на секои седум години ќе одат на проверка, а менторите на секои пет години за да не се случува ситуација еднаш ментор, секогаш ментор. Критериумите за реизборот и кој ќе го врши ќе бидат предвидени со новиот закон - објасни Јаневска.



Таа не очекува поголем отпор на оваа тема бидејќи промената не ги тангира веќе избраните редовни професори, туку ќе се однесува на генерациите што допрва ќе стануваат универзитетски професори. Според Јаневска, целта е домашните универзитети да напредуваат на Шангајската листа.

- За да има напредување, еден наш универзитет треба да има околу 1.200 труда со импакт фактор, а ние сега правиме од 300 до 500 годишно. Редовните професори ќе имаат обврска да поднесуваат апликација за проекти без оглед дали ќе им биде прифатена или не - нагласи министерката на брифингот.

Во периодот од седум години во кој професорот работел како редовен ќе мора да има објавено книга, дел од книга или учебно помагало.

За веќе избраните редовни професори, за кои нема ретроактивно да важи оваа измена, Законот предвидува друг механизам: тие ќе доставуваат извештаи до деканите дека менторирале постдипломски и докторски студии и дека биле вклучени во наставата и науката.

Шест научни труда, од кои четири треба да се со импакт фактор, ќе бидат услов за добивање звање редовен професор на некој од универзитетите, предвидува новината во Законот за високо образование.

Пет научни труда ќе бидат потребни и за доцент и вонреден професор, од кои три со импакт фактор, додека за асистент ќе биде потребно да се објават три труда во научни списанија.

Овие измени во Законот за високо образование треба да го вратат УКИМ на Шангајската листа со оглед на тоа дека за влез таму е потребно да се публикуваат 1.200 научни трудови со импакт фактор. Неофицијално, најголемиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“годишно продуцира од 300 до 400 труда со импакт фактор.