Вака би требало да изгледа првиот хотел на Месечината, чии гости се очекуваат во 2032 година

Вака би требало да изгледа првиот хотел на Месечината, чии гости се очекуваат во 2032 година

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Првите визуелни материјали прикажуваат соби со меки ѕидови кои би им овозможиле на гостите, во состојба на бестежинска тежина, лесно да се одбиваат од површините.

Американската стартап-компанија „Галактик рисорс јутилизејшн спејс“ планира да го отвори првиот хотел на Месечината, наменет за богати вселенски туристи. Изградбата на хотелот би требало да започне во 2029 година, а првите гости ќе бидат примени околу 2032 година.

1
Фото: X

Првите резервации за оваа необична дестинација веќе се достапни по цена од еден милион американски долари, односно околу 850 илјади евра. Овој износ е депозит за пет ноќевања, додека вкупната цена на патувањето до Месечината и назад, заедно со храната и другите трошоци, би можела да достигне околу 8,5 милиони евра.

Елементите на хотелот ќе се изработуваат на Земјата, а потоа ќе бидат транспортирани до Месечината, каде што ќе се склопуваат. Според досегашните информации од „ГРУ спејс“, во првата фаза хотелот ќе може да прими до четири гости на повеќедневен престој, со спектакуларен поглед кон Земјата.

Првите материјали откриваат ентериери со меки ѕидови, дизајнирани за услови на бестежинска состојба, кои ќе овозможат безбедно и лесно движење низ просторот.

Хотелот ќе биде опремен со системи за рециклирање на воздух и вода, производство на кислород, регулација на температурата, како и со систем за итна евакуација и засолниште од зрачење, кое треба да ги заштити гостите за време на соларни бури.

1
Фото: Screenshot/YouTube

Гостите ќе имаат можност да шетаат по Месечината, да се возат со лунарно возило, па дури и да играат голф, активности кои досега беа достапни исклучиво за астронаутите.

Зад целиот проект стои 22-годишниот визионер Скајле Чен, поранешно „чудо од дете“, кој се надева дека преку својот стартап ќе направи прв сериозен чекор кон вселенскиот туризам.

4
Фото: GRU Space

„ГРУ спејс“ е поддржана од инвеститори кои претходно вложувале и во „Спејс екс“ на Илон Маск, а компанијата е дел и од програмата „Нвидија инсепшн“.

Извор: Punkufer.dnevnik.hr
Фото: GRU Space