Зголемен интересот за втор циклус студии на УКЛО - меѓународни можности и преку Алијансата КОЛОРС
Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола го заокружи четвртиот и последен уписен рок за студии од втор циклус, при што се запишани вкупно 218 студенти на магистерски и специјалистички студии. Овој резултат го потврдува континуираниот раст на интересот за втор циклус студии, кој е евидентен во последните три академски години, со константен пораст на бројот на новозапишани студенти.
За Универзитетот, ваквиот тренд е директно поврзан со понудата на квалитетни студиски програми, можностите за истражувачко и академско надградување, како и со меѓународната отвореност на УКЛО, особено преку членството во Европската универзитетска алијанса
КОЛОРС.
Студентите од втор циклус истакнуваат дека можностите за мобилност, вмрежување и учество во меѓународни академски активности претставуваат значајна додадена вредност во нивниот образовен пат. Според нивните ставови, ваквите искуства не само што го унапредуваат академското знаење, туку овозможуваат и развој на истражувачки, интердисциплинарни и практични вештини, кои се особено значајни за понатамошниот професионален развој.
Ева Нешкоска и Катерина Стојкоска нагласуваат дека членството на УКЛО во Алијансата КОЛОРС отвора нови перспективи за студентите од втор циклус, овозможувајќи им пристап до заеднички програми, кратки школи, БИП-активности, како и до академски колаборации со партнер-универзитети низ Европа.
Дополнително, синергијата помеѓу Еразмус+ програмата и Европските универзитетски алијанси, како што е КОЛОРС, создава стабилна основа за долгорочен развој на студентските мобилности и зајакнување на интернационалната димензија на студиите на УКЛО. Токму ваквиот пристап, насочен кон поврзување на локалниот академски контекст со европскиот образовен простор, сè повеќе го позиционира УКЛО како атрактивен избор за студенти кои своето образование го гледаат како инвестиција во меѓународна и конкурентна иднина.
(Комерцијална објава)