„Алкалоид“ ги отвора вратите за пракса и за студентите од Медицинскиот и од Технолошко-металуршкиот факултет

„Алкалоид“ ги отвора вратите за пракса и за студентите од Медицинскиот и од Технолошко-металуршкиот факултет



Со цел да се поттикне развојот на креативноста кај студентите, нивното лично и професионално профилирање, како и подготвеноста за соочување со идни професионални предизвици „Алкалоид АД Скопје“ потпиша меморандум за соработка за програмата за практикантство со уште два факултета при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје – Медицинскиот и Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје. Практикантството во „Алкалоид АД Скопје“ е заеднички проект на компанијата, Универзитетот и студентите, кои ја претставуваат идната работна сила во Република Македонија.

Првиот оглас за ангажман на новата група практиканти во компанијата се планира за март годинава. Програмата за практикантство е отворена за 30 студенти од четирите факултети со кои „Алкалоид“ соработува.
Соработката со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ почна во април минатата година - со Фармацевтскиот факултет и Институтот за хемија при ПМФ, а првиот циклус на практикантство заврши во септември. 11 од вкупно 17 практиканти останаа да работат во компанијата и интересно е колку мал мотив им е потребен на младите луѓе за постигнување одлични резултати, нагласи Живко Мукаетов, директор на „Алкалоид“ и претседател на Управниот одбор на фондацијата „Мукаетов“.


Живко Мукаетов и Соња Топузовска

- Како општествено одговорна компанија, би сакале на студентите да им се овозможиме вклучување во секојдневните компаниски процеси и активности со цел да се зајакнат нивните професионални вештини. Преку оваа програма сакаме да изградиме синергија од која придобивка ќе имаат сите вклучени страни, а научноистражувачката работа во земјава ќе се подигне на едно ново, повисоко ниво. Поради особениот интерес, одлучивме соработката да ја прошириме со уште два факултета каде што истражувањата укажаа дека се јавува дефицит од кадри - истакна Мукаетов.

Благодарност и задоволство од оваа програма и укажаната можност за усовршување на студентите изразија и деканите на двата нови факултета од оваа програма:
- Денешното потпишување на меморандумот отвора можност студентите од Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје да стекнат практични вештини, знаења и искуство во најголемата фармацевтска компанија во земјава. Веруваме дека студентите ќе ја искористат оваа можност и стекнувајќи практично искуство, ќе ја зголемат својата атрактивност на пазарот на труд по дипломирањето – истакна деканот Јон Магдески.


Јон Магдески и Живко Мукаетов

Деканката на Медицинскиот факултет, Соња Топузовска, пак истакна:
- Програмите за практиканти што ги нуди „Алкалоид“ можат многу да им помогнат на студентите по медицина во стекнувањето нови практични искуства, со што тие понатаму ќе можат многу полесно да применуваат некои свои теоретски знаења и да ја развијат визијата за својата иднина. За нас, како факултет, искуството од ангажирањето студенти како практиканти ќе отвори перспективи за креирање нови студиски програми, како и осовременување на постојните. Ваквите иницијативи се особено важни за студентите по медицина да се охрабрат дека сѐ повеќе се создаваат услови за надградување на нивното стручно знаење, вештини и можноста за професионална реализација во сопствената држава.
„Алкалоид АД Скопје“ и водечкиот универзитет во земјава, преку проектот за практикантство планираат заеднички да ги разработат, адаптираат и структурно да ги усогласат програмите за едукација и развој на практикантите согласно заемните потреби, во обем кој е оптимален за образовните програми.