„Без авторски права“ за заминувањето и враќањето, за ентузијазмот кој е именка во изумирање кај нас

„Без авторски права“ за заминувањето и враќањето, за ентузијазмот кој е именка во изумирање кај нас

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Тројца актери – Ангела Стојановска, Јанка Лефкова и Јеткин Сезаир, сценографија – три фотелји-вреќи за седење, еден чадор за сончање, скалички и тоа е тоа. Заедно со драматургот Ева Камчевска и режисерот Милош Б. Андоновски, кој е еден од најпрогресивните театарџии од поновата генерација, раскажаа три приказни за заминувањето и враќањето во Македонија

За да се случи театар, потребни се барем еден актер и барем еден гледач во публиката. За да се случи театар, потребни се режисер, автори, актери кои сакаат да кажат нешто, да споделат нешто со публиката – мисла, емоција, чувство, став, поглед... И кога нешто многу сакаш да споделиш со публиката, не се грижиш во какви услови работиш два-три месеци. Тоа се вика ентузијазам кој, за жал, сѐ поретко живее кај нас. На таков ентузијазам посведочивме на изведбата на претставата „Без авторски права“ во незгреаното „Кино Култура“ (17 февруари), во продукција на „Театарот на навигаторот Цветко“ од Скопје.


Ангела Стојановска (средина), Јанка Лефкова и Јеткин Сезаир

Тројца актери – Ангела Стојановска, Јанка Лефкова и Јеткин Сезаир, сценографија – три фотелји-вреќи за седење, еден чадор за сончање, скалички и тоа е тоа. Заедно со драматургот Ева Камчевска и режисерот Милош Б. Андоновски, кој е еден од најпрогресивните театарџии од поновата генерација, раскажаа три приказни за заминувањето и враќањето во Македонија. Како што велат, дел се лични, дел се измислени, што е целосно легитимно кога зборуваме за театар.
Иако првично сакале на сцена да постават претстава според филмот „Песјак“ на Јоргос Лантимос (а притоа не добиле одобрение за авторски права), одлучиле на свој начин да зборуваат за затвореноста и за горливата тема – да се замине или не и што кога ќе се направи чекорот?



Тројцата се исклучителни актери што ве пијат со очите дотолку што на моменти ви станува малку незгодно дека ќе ви фатат искрена реакција, зашто толку многу теми навираат, што не може, а да не ве пресретнат во мислите. Но, сето тоа на ниво на поистоветување, на споделување емоција, не за да ве навреди или слично, но да ве поттикне да размислите, да почувствувате. Актерите уште на самиот почеток посочуваат дека не станува збор за интерактивна претстава во која ќе треба да одговарате на прашања или да станувате на сцена или да правите што било што ќе ви биде непријатно.

Во заднина на сцената, на платно се прикажуваат две постари изведби на претставата, во кои се гледа дека претставата постојано се обновува и никоја наредна изведба не е иста со претходната.

Милош Андоновски пред нецели две години ја постави претставата „Физика на тагата“ на сцената на Кумановскиот театар, која досега е одиграна 25 пати, што е огромен успех. Освен „Без авторски права“, активно се игра и „Семејни приказни“ во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Независната сцена во Скопје денеска едвај преживува. Се радуваме на секој проблесок како што се претставите на „Театарот на навигаторот Цветко“, на Младинскиот културен центар и др. Затоа, заслужуваат поддршка, пред сѐ од публиката, оти без неа театар не може да биде!