Средните години се определуваат на различни начини. Во литературата се споменуваат овие граници: од 20 до 65, од 40 до 60 г. и сл. Според моето мислење, најприфатливо е тие да се дефинираат како период од 30-тата до 60-тата година, плус/минус неколку години.
Кризата на средните години е период на саморефлексија, внатрешни превирања и емоционални турбуленции кои ги доживуваат некои лица. Во овој период кај некои поединци се јавува самосомневање, стрес, преиспитување на амбициите и желбите, несигурност, при што кризата својот врв го достигнува, според некои автори, околу 40-тата година, a според други автори, околу 50-тата година. Тогаш се јавуваат и првите грижи околу стареењето.
Кај некои лица кризата почнува порано, кај некои подоцна; кај некои лица е повеќе, а кај некои послабо манифестирана. Таа е преодна фаза што се јавува кога лицето го преиспитува својот идентитет, своите животни избори. Не постои една единствена причина за криза во средните години, туку луѓето во тие години чувствуваат општо незадоволство.
Таа не е призната како психолошко нарушување и се смета за културолошки феномен.
Прв ја идентификувал Јунг околу 1930 година. Според него, средната возраст е време за преиспитување и приспособување на приоритетите. Тој ја нарекувал „попладне на животот“, односно „будење во средните години“ ('midlife awakening’), а не криза. Околу 1970 година идејата за криза на средните години станала популарна и културолошки привлечна.
Наредните неколку декади по 1970 г. таа интензивно се проучувала, при што пикот бил достигнат околу 2008 година. Психолозите, економистите, геронтолозите и други истражувачи во општествените науки аргументираат дека благосостојбата (well-beign) на луѓето се движи според предвидлива патека, за која е карактеристичен добар почеток, пад на животното задоволство и потоа повторно зголемување кое се одвива со текот на годините.
Еден од најпопуларните истражувачи на средовечната криза е Бланчфлауер. Тој извршил серија истражувања на оваа тема, но со трудот од 2008 година (Blanchflower, 2008) извршил големо влијание врз истражувањата во оваа област.
Бланчфлауер го истражувал односот помеѓу благосостојбата (well-being) на човекот и животната доба. Кога графички го прикажал овој однос и се добила крива што личела на големата латинска буква у, односно U. Оваа крива била прифатена и како што соопштува нејзиниот автор, до 2023 година била цитирана повеќе од 600 пати (Blanchflower, 2023).
Во литературата, за означување на оваа крива се користат повеќе термини: крива на благосостојбата (well-beign curve), крива на среќата (happiness curve), крива во форма на буквата U (U shaped curve) и сл.
Кривата на среќата е добро документиран психолошки и економски модел што покажува дека задоволството од животот е високо кај младите, ја достигнува својата најниска точка во средната возраст (од 40-тите до почетокот на 50-тите години) и потоа, на постара возраст, повторно се зголемува, достигнувајќи врв околу 70-тите години.
Трудот на Бланчфлауер изобилува со многу податоци. Овде ќе бидат спомнати, накратко, само најрелевантните.
Користејќи и анализирајќи податоци за 500.000 случајно избрани Американци и Западноевропејци, пред сѐ, Англичани, покажал дека благосостојбата го достигнува својот минимум и во Америка и во Англија, и кај мажите и кај жените, во средната возраст. Основната анализа била проширена со податоци од Источна Европа, Латинска Америка и Азија сугерирајќи дека обликот на буквата U е глобален, а не само западен феномен.
Истражувањето обезбедило силни докази за тврдењето дека благосостојбата се влошува во средните години, идентификувајќи ја најниската точка кон крајот на 40-тите години.
Овој труд го отвори патот за последователни истражувања за „кривата на среќа“, „падот на средниот живот“ во средните години.
Важноста на овој труд произлегува од фактот што обезбедил ригорозни, убедливи емпириски докази дека човековата благосостојба (добробит) следи крива во облик на буквата U во текот на целиот живот, достигнувајќи ја својата најниска точка во средната возраст.
Кривата ја задржала својата форма и тогаш кога се користеле различни показатели на благосостојбата, како на пример, задоволство, чувството на среќа и сл.
Огледалната слика на U кривата на благосостојба го има овој облик: ꓵ. Забележуваме дека овој графикон е спротивен на графиконот на благосостојбата. Во англискиот јазик покрај зборот well-beign (благосостојба), постои уште еден збор, спротивен на благосостојба, а тоа е ill-beign. Засега не можев да најдам соодветен збор во македонскиот јазик, па затоа зборот описно го преведувам како „лоша состојба“.
Сега, ако се погледне кривата на лошата состојба (ill-beign), веднаш ќе се забележи дека таа на врвот има извесна испупченост. За означување на оваа испупченост, во литературата се користи зборот грпка (hump). Оваа крива е позната како крива на лошата состојба, крива на кризата во средните години (unhappiness curve, midlife crisis curve).
Што покажуваат новите истражувања
Околу 2014 година се појавија првите трудови во кои грпката на графиконот на благосостојба била смалена, односно кривата била поизрамнета. Нивниот број се зголемил во периодот 2018-2022 година. Новите истражувања, извршени најмногу во Америка и во Обединетото Кралство, покажуваат дека на графиконите не се појавува грпка. Таа е заменета со монотонична функција на лошата состојба (ill-being) според возраста.
Монотонична функција е функција која или постојано расте или постојано се намалува во својот домен.
Во мај 2025 година се појави нов труд на Блaнчфлауер во кој биле изнесени нови податоци за односот помеѓу благосостојбата на човекот и возраста.
Бланчфлауер и соработниците првпат покажале дека лошата состојба кај младите луѓе се зголемува монотонично во текот на животот. Во Соединетите Американски Држави и во Обединетото Кралство повеќе нема грпка во кривата на лошата состојба.
Наодите од овие истражувања, извршени во Австралија, Канада, Нов Зеланд, Велика Британија, Соединетите Американски Држави и низ други земји, укажуваат на опаѓање на благосостојбата кај младите. Сепак, овие студии не ги проценувале конкретно импликациите од оваа промена ниту за обликот на грпката ниту за обликот на буквата U на благосостојбата според возраста.
Во Соединетите Американски Држави анализата се вршела врз јавно достапни податоци на индивидуално ниво од Системот за надзор на ризик-факторите во однесувањето (Behavioral Risk Factor Surveillance System - BRFSS). BRFSS е водечкиот систем на Соединетите Американски Држави за телефонски анкети поврзани со здравјето. Собира податоци во сите 50 држави. Користени се податоци од 1993 до 2024 година. Во ова истражување се користени податоци од 1993 до 2024 година.
Еве еден пример од инструментите што ги користел Бланчфлауер и краток извор од наодите.
Истражувајќи ја варијаблата очај (despair), истражувачите го поставиле следново прашање:
„Сега, размислувајќи за вашето ментално здравје, кое вклучува страв, депресија и проблеми со емоциите, колку дена во текот на изминатите 30 дена вашето ментално здравје не било добро“.
Во просек, помеѓу 1993 и 2014 година, 66,6 % од испитаниците пријавиле нула денoви; 84,7 % пријавиле 5 или помалку; 94,3 % пријавиле 20 или помалку дена, додека 4,8 % пријавиле точно 30 (N = 6.182.569). Во годините 2015–2024, 62,1 % од испитаниците пријавиле нула денови; 80,0 % пријавиле 5 или помалку; 90,6 % пријавиле 20 или помалку дена, додека 6,2 % пријавиле точно 30 (N = 3.899.720). Генерално, инциденцијата на очај речиси се дуплирала од 3,7 % (N = 100.090) во 1993 година на 6,7 % во 2023/24 година (N = 450.264). За оние под 25 години се зголеми од 2,9 % во 1993 година на 8 % во 2023 година.
За Обединетото Кралство, податоците биле земени од Лонгитудинална анкета за домаќинствата во Велика Британија (United Kingdom Household Longitudinal Survey, UKHLS) од 2009-2022-2023 година. Од сите испитаници 4,6 % изјавиле дека паднале во очај (despair) во 2009-2010 г. а во 2022-2023 процентот се искачил на 8,1.
Зголемувањето кај младите воопшто, а особено кај младите жени е забележливо.
Еве уште неколку податоци за трендот на очајот во Америка, за периодот 1993-2024 година, според BRFSS.
Во 1993 година од женските испитаници под 25 години, 3,21 %, а од машките 2,5 % пријавиле дека биле во очај, 1994 година 4,67 % женски и 2,83 % машки испитаници под 25 години, а во 2022 година нивниот број изнесувал 10,82 % кај женските и 7,25 % кај машките испитаници. Овие трендови резултираа со многу поинаков однос помеѓу лошата состојба и возраста со текот на времето, во Соединетите Американски Држави. Помеѓу 2009 и 2018 година, очајот е во облик на грпка во возраста, што е во согласност со претходните наоди. Брзиот пораст на очајот пред 45-годишна возраст, а особено пред средината на 20-тите години, фундаментално го променил профилот на животниот циклус на очајот, така што обликот на грпка повеќе не е очигледен помеѓу 2019 и 2023 година. Очајот најмногу се зголемил кај најмладата група, но исто така се зголемил и кај оние до 45 години; останал непроменет кај оние на возраст над 45 години. Очајот монотонично се намалува со возраста.
Трендовите во субјективната благосостојба според возраста во Обединетото Кралство се слични на трендовите во САД. Во 2009 година, и мажите и жените на возраст од 18 до 24 години имале помала веројатност да бидат во очај отколку постарите возрасни групи. Кај мажите под 25 години, очајот се зголемил повеќе од двојно помеѓу 2009 и 2021 година (од 2,3 % на 6,4 %). Процентот на млади жени во очај се зголемил уште поостро, од 4,4 % на 12,7 %, при што поголемиот дел од зголемувањето дошло по 2016 година. Нивоата на очај, исто така, се зголемиле и кај мажите и кај жените во постарите возрасни групи, но зголемувањето за групата на средна возраст било помало отколку кај најмладите, а зголемувањето за најстарата возрасна група било уште помало.
Како резултат на тоа, обликот на грпка во очајот по возраст, забележителен во претходниот период (2009–2018), исчезнал во подоцнежниот период, 2019–2021 година. Заменет е со профил на очај кој се намалува со возраста. Како и во случајот со Соединетите Американски Држави, и овде профилот на очај според возраста не се променил значително кај лицата во доцните 40-ти години и постари, туку очајот силно се зголемил кај лицата под средината на 40-тите години, особено кај најмладите.
Исчезнувањето на обликот на грпка е забележано и кај други психолошки карактеристики, на пример, анксиозноста. Брзиот пораст на анксиозноста кај младите значи дека профилот на облик на грпка забележан во 2012–2017 година повеќе не се забележува во 2018–2021 година. Анксиозноста сега во голема мера се намалува со возраста во Обединетото Кралство.
Зошто се промени трендот?
Истражувачите веруваат дека оваа глобална промена во трендот на несреќа не е предизвикана од ковид-19, бидејќи забележале дека падот започнал пред пандемијата и во САД и во Велика Британија. Авторите сметаат дека можно e пандемијата да предизвикала безнадежност повеќе кај помладите луѓе во споредба со постарите луѓе
Еден потенцијален фактор се долгорочните влијанија на Големата рецесија од 2008 година врз изгледите да се најде работа. Таа можела да остави „лузни“, но тврдењето не го потврдиле со конкретни наоди.
Авторите сметаат дека недоволното финансирање на услугите за ментално здравје во САД и Велика Британија може да влијаело врз благосостојбата на младите.
Порастот на користењето на социјалните мрежи можел значително да влијае врз перцепцијата на младите луѓе за себе и за својот живот во однос на нивните врсници преку социјалните медиуми.
Заклучок
Севкупно, наодите од студијата покажуваат дека младите луѓе во САД, Обединетото Кралство и во многу други земји доживуваат голем степен на нарушување на менталната добросостојба ( mental ill-being is highest among the young), што е значителна промена од претходните наоди кога нарушувањето на менталната добросостојба го достигнувало својот максимум во средната возраст.
Поинаку речено, отсуството на грпка во кривата на лошата состојба (ill-beign) не е последица на подобрувањето на менталното здравје кај старите лица, туку последица на влошувањето на менталното здравје кај младите лица.
Брајсон, еден од авторите на студијата, вака заклучил: „Денес постои сериозна криза во поглед на менталната добросостојба кај младите лица, на која треба да се одговори“.
Автор: д-р Томе Николоски, професор на УКИМ во пензија