Роботаксите на „Тесла“ учествуваат во сообраќајки четири пати почесто од луѓето

Роботаксите на „Тесла“ учествуваат во сообраќајки четири пати почесто од луѓето

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Роботаксите треба да бидат побезбедни од луѓето возачи, впрочем, тоа е нивната основна цел. Но се чини дека во „Тесла“ таа порака не е доволно сфатена.

Производителот на автомобили во сопственост на Илон Маск пријавил пет нови судири на своите роботакси, со што вкупниот број документирани несреќи се искачи на 14 откако услугата беше пуштена во Остин минатиот јуни. Тоа го покажуваат ажурираните податоци на Национална управа за безбедност на сообраќајот на автопатите во САД.

Нови судири и цензурирани извештаи

Новопријавените несреќи, кои „Тесла“ ги поднела минатиот месец, се случиле меѓу декември 2025 и јануари 2026 година. Меѓу нив се судир со неподвижен објект при брзина од 27 км/ч, судир со автобус додека роботаксито стоело, судир со камион при брзина од околу 6 км/ч и два инциденти при возење рикверц во кои возилото удрило во столб или дрво.

Со оглед на тоа што „Тесла“ ги цензурира своите извештаи, невозможно е да се добие јасна слика за околностите и причините за овие несреќи.

Четири пати полоши од луѓето возачи

Сепак, никаква цензура не може да го сокрие фактот дека роботаксите учествуваат во несреќи многу често. Според пресметката на веб-страницата „Електрек“, стапката не е само полоша од конкуренцијата, туку и од луѓето возачи.

„Електрек“ проценува дека роботаксите до средината на јануари поминале околу 1,28 милиони километри. Со вкупно 14 судири, тоа значи дека во просек се случува една несреќа на секои 92.000 километри.

За споредба, извештајот за безбедност на возилата на „Тесла“ наведува дека просечниот американски возач има помал судир на секои 368.540 километри. Тоа значи дека роботаксите на „Тесла“ учествуваат во сообраќајки дури четири пати почесто од луѓето.

Работите изгледаат уште полошо ако се споредат со „Вејмо“, компанијата со која Маск постојано се натпреварува тврдејќи дека неговите автономни автомобили се подобри.

„Вејмо“ бележи една несреќа на секои 157.715 километри, врз примерок од повеќе од 204 милиони километри извозени во целосно автономен режим.

Дополнително, „Вејмо“ има над 2.000 роботакси, а „Тесла“ има помалку од 50. „Вејмо“ работи во повеќе големи американски градови, додека „Тесла“ е ограничена на мало подрачје во еден град.

Исто така, возилата на „Вејмо“ се сметаат за целосно автономни, без безбедносен возач, додека „Тесла“ наводно користела придружни возила со човечки возачи за да го исполни ветувањето за возење без надзор.


Извор: Index.hr
Фото: Wikipedia