Првпат жена ја доби Абеловата награда за математика

Првпат жена ја доби Абеловата награда за математика

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Првпат една од најважните награди во математиката ѝ е доделена на жена.

Во вторникот Норвешката академија за науки објави дека ја додели овогодишната Абелова награда - награда според моделот на нобеловите награди - на Карен Уленбек, професорка на Универзитетот на Тексас во Остин. Наградена е за достигнувања во областа на геометриските парцијални диференцијални равенки, калибрирачката теорија и интегрални системи, и за фундаменталното влијание на нејзината работа во анализите, геометријата и математичката физика.

1

- Таа направи работи што никој не ни помислувал да ги направи - изјави Сун-Јунг Алис Ченг, математичарка на Универзитетот „Принстон“, која била дел од петчлената комисија.

- Откако го направи сето тоа, таа ги постави темелите на една гранка на математиката - вели таа.

Д-р Уленбек, која живее во Принстон, во неделата открила дека ја освоила наградата.

- Кога излегов од црквата, забележав дека добив порака од Алис Ченг во која пишуваше: „Дали ќе прифатиш повик од Норвешка?“ Кога пристигнав дома, се јавив во Норвешка и тие ми кажаа - раскажува Уленбек. Таа вели дека сè уште не одлучила што ќе прави со 700.000 долари што ги добила со оваа награда.

Не постои Нобелова награда за математика, а со децении најпрестижните награди во математиката беа „Филдс Медалс“, доделени во мали серии на секои четири години на најуспешните математичари кои се 40 години или помлади. Марјам Мирзакани во 2014 година е единствената жена што ја добила наградата „Филдс Медалс“.

Абеловата награда именувана по норвешкиот математичар Нилс Хендрик Абел е  слична на Нобеловата. Од 2003 година се доделува на годишно ниво за да се потенцира значаен напредок во математиката. Претходните 19 лауреати биле мажи, а меѓу нив бил и Ендрју Џ.Вајлс, кој ја докажал последната теорема на Фермат, Питер Д. Лакс од Универзитетот во Њујорк и Џон Ф. Неш Џуниор, чиј живот беше прикажан во филмот „Прекрасен ум“.

Академијата ја доделува наградата врз основа на препораките од одбор составен од пет светски познати математичари.