Финска, најсреќната земја во светот, го донесе законот за флексибилно работно време уште во 1996 година

Финска, најсреќната земја во светот, го донесе законот за флексибилно работно време уште во 1996 година

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Во последниве години Финска неколку пати е прогласена за „најсреќна земја во светот“ поради нејзината континуирана доминација во Извештајот на ОН за светската среќа.

Централното место во финската култура е фразата „кел они он, се онен каткеон“, што грубо преведено значи: „Кој ја нашол среќата, треба да ја скрие“. Оваа фраза не е создадена да ги поттикне луѓето да бидат тажни или да ги кријат своите емоции, туку значи дека треба да бидете скромни и задоволни, а не да одите наоколу фалејќи се дека сте ја нашле среќата. Финците се фокусираат на тоа кои се, наспроти фасадите што ги градат. Според оваа поговорка се води самата финска култура.

На работното место поимот за заемна доверба е одговорен за прогресивниот став на Финска кон рамнотежата помеѓу работата и животот. Добро е познато дека финските фирми имаат релативно поголема веројатност да понудат флексибилно работно време. 92 отсто од финските компании им дозволуваат на работниците да ги приспособат своите работни часови, во споредба со само 76 отсто во Велика Британија, додека овој процент е уште помал во други европски земји. Додека многу фирми на глобално ниво почнаа да го прифаќаат правото на флексибилна работа уште од пандемијата, Финска со децении е понапред, донесувајќи го својот првичен закон за флексибилна работа во 1996 година. Во самата ДНК на Финците е вградена грижата за вработените: Истражување од 2018 година покажа дека четири од пет Финци велат дека им веруваат на другите Финци, што е несразмерно повисоко од остатокот од Европа.

finska
Фото: Freepik

Финска останува жариште за успешни и генијални компании. Се проценува дека 4.000 стартапи и 11 компании вредни над 1 милијарда долари го сочинуваат екосистемот на земјата, а финските компании работат со тивка самодоверба и покрај уникатно тешката глобална средина. Во 2022 година финските стартапи добија финансирање од рекордни 1,8 милијарди долари, и додека прогнозите сугерираат дека бројките за 2023 година нема да ги достигнат истите височини, финските и другите нордиски и балтички стартапи продолжуваат да ја докажуваат својата технолошка моќ со појавата на нови технологии и растечка длабока технолошка сцена.

Во последно време стана јасно дека инвестирањето во компаниската култура води до подобри резултати отколку да ги туркате вработените до работ на нивните граници. Без разлика дали барате деловен успех или посреќен живот, важат принципите на скромност, доверба и рамнотежа.

Поттикнувањето конкурентна и строга работна средина може да доведе до повисоки профити на краток рок, но со текот на времето ќе ги попречи перформансите на вработените и ќе доведе до менување на персоналот. Поради овие причини, од клучно значење е да се одвои време за изградба на компанија која е културно и финансиски силна, дури и ако тоа може да потрае подолго.

Како што споменавме, „кел они он, се онен каткеон“ не значи забрана за секаква среќа. Учењето како да се слават победите е клучно во секој аспект од животот. Тоа значи дека наместо да зборувате само за среќата, ставете ги работите онаму каде што припаѓаат за да ја остварите среќата. Нема кратенки до успехот во животот или бизнисот. Научете да се гордеете со скромноста и со текот на времето, светот ќе почне да зборува за вас.

Извор: Fortune.com
Фото: