Светските нуклеарни сили имаат повеќе од 12.000 боеви глави

Светските нуклеарни сили имаат повеќе од 12.000 боеви глави

Подготвил: Билјана Спиркоска

Лектор: Ивана Кузманоска

Светските нуклеарни сили имаат повеќе од 12.000 нуклеарни боеви глави. Ова оружје може директно да убие милиони и преку влијанието врз земјоделството веројатно има потенцијал да убие милијарди.

Нуклеарното оружје уби помеѓу 110 и 210 илјади луѓе кога САД го употребија во јапонските градови Хирошима и Нагасаки во август 1945 година. Оттогаш наваму во повеќе наврати доаѓало до ситуации кога сме биле блиску до ново искористување на нуклеарното оружје. Затоа земјите работат на ограничување на производството и бројот на нуклеарно оружје.

Малку земји поседуваат нуклеарно оружје, но некои имаат голем арсенал

Во моментов девет земји имаат нуклеарно оружје: Русија, САД, Кина, Франција, Обединетото Кралство, Пакистан, Индија, Израел и Северна Кореја.

Овие нуклеарни сили се разликуваат многу во бројот на нуклеарни боеви глави што ги имаат. На графиконот подолу може да се види дека додека повеќето имаат десетици или неколку стотици боеви глави, Русија и САД имаат илјадници. Поточно, според процените направени на јавно достапни информации, историски записи и повремено протечени информации, Русија има 5.889 боеви глави, а САД 5.244. Следуваат Кина со 410, Франција со 290 итн.

Графиконот покажува и дека има разлика како и колку брзо може да се искористи ова оружје - некои се дизајнирани за стратешка употреба далеку од бојното поле, на пример, против индустријата за оружје или инфраструктура, додека други за нестратешка, тактичка употреба на бојното поле.

И додека некои боеви глави не се распоредени, или дури и се повлечени и ставени на ред за размонтирање, значителен дел од нив се распоредени на балистички проектили или бази на бомбардери и може да се искористат многу брзо.

Многу земји се откажаа од нуклеарно оружје

Бројот на земји што поседуваат нуклеарно оружје никогаш не бил повисок. Само една земја, Јужноафриканската Република, целосно го размонтира својот арсенал.

Сепак, многу други земји размислувале за нуклеарно оружје и речиси сите се откажале. Во доцните 70-ти години повеќе земји размислувале или работеле на негово набавување, а во последниов период само Сирија размислуваше за нуклеарно оружје и само Иран се занимава со развивање на истото.

По зголемувањето, кое траеше речиси половина век по создавањето во 40-тите, нуклеарниот арсенал достигна повеќе од 60.000 боеви глави во 1986 година. Оттогаш има обратен тренд. Нуклеарните сили ги намалија арсеналите во следните децении и бројот на боеви глави падна под 20.000 во првата деценија од 21 век. Оттогаш падот забави и вкупниот број сѐ уште е поголем од 10.000, а некои земји и го прошируваа арсеналот.

Опадна уништувачката моќ на нуклераните арсенали

Едноставно броење на боевите глави не зема предвид дека овие оружја се разликуваат во нивната експлозивна моќ и дека не сите од нив може да се искористат одеднаш.

За следниот графикон е земена предвид уништувачката моќ и распоредувањето на нуклеарните боеви глави за да се дојде до процена на експлозивната моќ на нуклеарното оружје што може да се испорача при прв удар.

Може да се види дека САД брзо развиле многу помоќни боеви глави во 50-тите. Советскиот Сојуз ја зголемил деструктивноста на оружјето побавно, но на крајот достигнал слични нивоа.

Уништувачкиот потенцијал на боевите глави за прв удар го достигнува врвот од повеќе од 15.000 мегатони во раните 80-ти. Тоа е еднакво на повеќе од милион бомби како онаа искористена во Хирошима. Со тој врв на моќ, оружјето за прв удар би можело да уништи повеќе од 40 отсто од вкупната урбана земја на планетата.

Сепак, уништувачката моќ на оружјето за прв напад стабилно опаѓа со текот на децениите, како за САД така и за Русија, иако останува со повеќе од 2.5000 мегатони, со потенцијал директно да уништи речиси 7 отсто од вкупната урбана површина на Земјата.

Речиси запре тестирањето нуклеарно оружје

Во минатото нуклеарните сили редовно ги тестираа нивните боеви глави, но сега речиси и да нема такви тестови.

Врвот бил достигнат во 1962 година, кога биле направени 178 тестирања, најмногу од страна на САД и Советскиот Сојуз. Тие тестирања имаат нанесено штета на животната средина и луѓето, особено на домородните заедници.

Тестирањата се намалија подоцна за време на Студената војна и речиси и да ги немаше во последните две децении. Единствената земја која неодамна тестираше нуклеарно оружје е Северна Кореја.

Извор: Our World in Data
Насловна фотографија: Pixabay