Научниците го открија клучниот момент кога мозокот почнува да слабее

Научниците го открија клучниот момент кога мозокот почнува да слабее

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Благодарение на неодамнешно истражување, научниците успеаја да го идентификуваат точниот момент во средните години кога мозочните клетки почнуваат да покажуваат први знаци на опаѓање.

Според најновото истражување, засновано на мозочни скенови и тестови на 19.300 луѓе, тој момент се случува на 44 години. Тогаш почнува видливо опаѓање на функциите на мозокот, кое најбрзо напредува околу 67. година. До 90 години процесот на стареење на мозокот се стабилизира.

Научниците од Универзитетот „Стоуни Брук“ во САД, кои го предводеле ова истражување, велат дека нивните наоди би можеле да помогнат во развивање стратегии за подобрување на здравјето на мозокот во подоцнежните години од животот.

Врската меѓу метаболизмот и стареењето на мозокот


Истражувачите ја проучувале реакцијата на невроните на стрес и откриле клучен фактор што го поттикнува процесот на стареење: отпорноста на невроните кон инсулин. Ова значи дека со текот на времето, инсулинот има сè помало влијание врз мозочните клетки, што доведува до намалено апсорбирање на гликоза како извор на енергија и постепено нарушување на функциите на мозокот.

Генетската анализа потврдила дека стареењето на мозокот е поврзано со активноста на два специфични протеини: ГЛУТ4, кој е одговорен за апсорпцијата на гликоза, и АПОЕ, кој транспортира масти. Интересно е што АПОЕ веќе долго време е поврзан со Алцхајмеровата болест.

Ова укажува дека ако може да се најде начин да се обноват или заменат енергетските извори на невроните, тоа би можело да го забави стареењето на мозокот и евентуално да отвори нови можности за третман на невродегенеративни заболувања.

Дали кетонските суплементи можат да помогнат?


Научниците ја тестирале оваа хипотеза на група од 101 испитаник, на кои им биле дадени кетонски суплементи. Овие супстанции ја подобруваат осетливоста на мозочните клетки на инсулин и го намалуваат метаболичкото оштетување.

Резултатите покажале дека деградацијата на мозокот се стабилизирала, а најголемите придобивки биле забележани кај испитаниците на возраст од 40 до 59 години. Ова сугерира дека ваков третман би можел да биде корисен, но временското планирање е клучно.

- Наместо да чекаме да се појават когнитивни симптоми, кои може да станат очигледни дури откако ќе настане значителна штета, можеме да ги идентификуваме ризичните лица преку неврометаболички маркери и да интервенираме навреме - вели невронаучникот Ботонд Антал од Универзитетот „Стоуни Брук“.

Извор: Science Alert
Фото: Freepik