Мажите на средна возраст имаат поголем ризик од забрзано стареење поради изложеност на „вечните хемикалии“
Нова студија открива дека изложеноста на одредени таканаречени „вечни хемикалии“ може да го забрза биолошкото стареење, особено кај мажите на средна возраст. Истражувачите се фокусирале конкретно на ПФНА (перфлуорононанска киселина) и ПФОСА (перфлуорооктан сулфонамид), две хемикалии во поширокото семејство на ПФАС (пер- и полифлуороалкилни супстанции), познати и како „вечни хемикалии“.
ПФАС имаат широка употреба од средината на 20 век во производи како што се мантили и тапациран мебел, тави со нелеплива површина, пакувања за храна и противпожарна пена. Тие се дизајнирани да бидат исклучително издржливи, а силните врски помеѓу јаглеродот и флуорот им овозможуваат да се спротивстават на топлина, вода, оган и корозија и да преживеат во животната средина до илјада години.
Производителите ги заобиколуваат постојните регулативи
Но, нивната издржливост доаѓа и со последици врз здравјето на луѓето. Студиите ги поврзале со негативни ефекти, вклучувајќи појава на рак и кардиоваскуларни заболувања. Меѓународните политики се насочени само кон неколку стари хемикалии на ПФАС, додека производителите можат да создадат нови варијанти кои ги заобиколуваат постојните регулативи. Сè уште има над 12.000 варијанти на ПФАС на пазарот, а нивните здравствени ефекти се во голема мера непознати.
- Резултатите од испитувањата покажуваат дека некои понови ПФАС не се соединенија со низок ризик за замена и бараат сериозно внимание во врска со нивното влијание врз животната средина - изјавил Ксијангвеи Ли, епидемиолог на Универзитетот „Шангај Џијао Тонг“ во Кина и главен автор на студијата.

Мажите изложени на поголем ризик
Неговиот тим користел податоци од 326 учесници од Националното истражување за здравје и исхрана на САД (спроведено од 1999 до 2000 година), каде што ги измериле концентрациите на 11 ПФАС супстанции во примероци од крв и ја процениле биолошката возраст користејќи 12 таканаречени „епигенетски часовници“, кои ги следат биохемиските промени во ДНК.
ПФНА и ПФОСА биле присутни во крвта на 95 проценти од учесниците во американската студија. Кај мажи на возраст од 50 до 64 години повисоките концентрации на ПФНА предвидувале побрзо епигенетско стареење, додека овој модел не бил забележан кај жените.
- Се претпоставува дека мажите може да бидат изложени на поголем ризик бидејќи маркерите за стареење што ги анализиравме се под влијание на животните навики, како што е пушењето, што може да ги засили штетните ефекти од овие загадувачи - забележува Ли.
Совет за крај
- Изложеноста на ПФОС е поврзана и со одредени биолошки маркери на стареење. Средната возраст е чувствителен биолошки период во кој телото станува поподложно на стресори поврзани со стареењето, што може да објасни зошто постарите луѓе реагираат посилно на изложеност на хемикали - вели Ја-Кијан Сју, коавтор на студијата.
Иако причинско-последичната врска не е докажана, резултатите од студијата укажуваат на загрижувачка поврзаност помеѓу „вечните хемикалии“ и стареењето. За да се намали ризикот, луѓето можат да ја ограничат потрошувачката на спакувана храна и да избегнуваат загревање на садови за брза храна во микробранова печка, советува Ли.
Извор: zimo.dnevnik.hr
Фото: Freepik