Порака за Ангела Меркел на маиците на матурантите во БиХ

Порака за Ангела Меркел на маиците на матурантите во БиХ

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Прославата на матурата во дворот на училиштето и на улиците е традиција со која овие млади луѓе се простуваат со една релативно безгрижна фаза од животот, а најголем дел од нив тоа ќе го сфатат многу подоцна.

Маици со потписи, трубачи, играње и смеа на улиците - накратко, тоа е една типична прослава на матурантите, но ако во сето тоа се вметне и општеството во кое живееме, тогаш добиваме малку покомплицирана илустрација. Токму тоа се случило во Тузла, Босна и Херцеговина, каде што учениците со своите пораки јасно покажале дека и тоа како знаат каде живеат и што ги чека и каква иднина сакаат за себе.

„А можеше сето тоа да биде различно. Само да имаше малку памет. Претажна слика“.

„Кој ќе излезе последен, нека го изгасне светлото“.

Ова се само некои од коментарите што се појавија на „Твитер“ откако Томислав Џуриќ од Сараево сподели дел од атмосферата за матурската прослава од Тузла, со учениците на чии маици пишувало: „Јавете ѝ се на Ангела, завршивме!“.

Станува збор за Ангела Меркел, а пораката се однесува на масовниот одлив на младите и образовани луѓе кои во Босна и Херцеговина, како и кај нас, среќата ја бараат во странство, а Германија им е една од омилените дестинации.

Истражувањата покажуваат дека токму Балканот е територија од која населението масовно се иселува, а државите не преземаат ништо или недоволно добро спроведуваат мерки со кои би го спречиле одливот на мозоци.