Пандемијата предизвикала екстремен пад од 17% на дневните глобални емисии на јаглерод

Пандемијата предизвикала екстремен пад од 17% на дневните глобални емисии на јаглерод

Подготвил: Билјана Арсовска

Од пандемијата на коронавирусот излегува и нешто добро - многу луѓе не летаат и не се возат до работните места, што доведе до драстичен пад на емисиите на јаглерод.

Студија објавена во вторникот открива дека дневните глобални емисии на јаглерод во април биле за 17 отсто пониски отколку просечните дневни емисии во 2019 година.

Резултатите покажале дека просечните дневни емисии се намалиле за 18,7 милиони метрички тони јаглерод во однос на минатата година. Тоа е ниво на емисии кое може да се спореди со 2006 година.

- Оваа година ќе видиме пад на глобалните емисии на јаглерод за најмалку 4 проценти, а можеби и за 7 или 8 проценти. Како и да е, тоа ќе биде најголемиот пад за една година од Втората светска година наваму - предвидува Роберт Џексон, коавтор на новата студија.


За да го измерат падот во емисиите на јаглерод, авторите на студијата испитале податоци за емисии од повеќе од 69 земји, вклучително и САД и 30 кинески покраини.

Истражувачите утврдиле дека на почетокот на април, регионите одговорни за 89 отсто од глобалните емисии биле во некаква изолација. Па затоа ги поделиле изолациите во три категории на основа на нивото на ригорозноста и го оцениле влијанието врз нормалните секојдневни активности на тамошните жители, а со тоа и врз придружните ефекти врз емисиите на јаглерод.

Утврдиле дека земјите со најригорозни мерки искусиле 50-отстотно дневно опаѓање во копнениот сообраќај и 75-отстотно дневно опаѓање во воздушниот сообраќај. Во тие два сектора имало 36% и 60% опаѓање на емисиите.


Падот во копнениот сообраќај е одговорен за 43 отсто од вкупното опаѓање на дневните глобални емисии во споредба со 2019 година. Тоа е затоа што воздушниот сообраќај придонесува за помалку од 3 отсто од годишните емисии на јаглерод, додека копнениот сообраќај придонесува со речиси 10 пати повеќе емисии.

Сѐ на сѐ, истражувачите процениле дека емисиите во периодот од јануари до средината на април се намалиле за 1.048 милиони метрички тони во споредба до минатогодишниот 12-месечен просек. Околу 23 отсто од тој пад доаѓа од Кина, за 20 отсто се одговорни САД, а за 9 отсто Индија.

Во просек, емисиите во земјите опаднале за 26 отсто во времето кога бил достигнал пикот на изолацијата.

Според авторите, 17-отстотниот пад на дневните емисии на јаглероден диоксид е екстремен и веројатно никогаш порано не е забележан. Сепак, тој пад само ги носи емисиите на нивото на кое беа во 2006 година, што покажува колку емисиите се зголемиле во текот на изминатите 14 години.

Според новата студија, пред пандемијата, глобалните емисии на јаглерод се зголемуваале за околу 1 отсто годишно во текот на изминатата деценија.

Но, дури и ако се вратиме на условите од пред пандемијата до средината на јуни, годишните нивоа на емисии на јаглерод веројатно ќе паднат за 4 отсто. Ако некои изолации и рестрикции за патување останат до крајот на годината, тој пад би можел да биде и поголем - до 7 отсто.

Според Џексон, тоа е нивото на редукции на емисиите кои светот треба да ги исполнува секоја година за да ги исполни климатските цели од Парискиот договор, чија цел е да го ограничи глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови.

Но, оваа состојба не е трајна, па авторите на студијата порачуваат дека светските лидери треба да инкорпорираат цели за климатски промени во нивните напори за повторна изградба на економијата - на пример, преку инвестирање во чиста енергија.

Извор и насловна фотографија: Science Alert