Ракометот живее во Битола, а битолчани и Чкембари живеат за ракометот

Ракометот живее во Битола, а битолчани и Чкембари живеат за ракометот

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Голем дел од заслугата за пеколната и жешка атмосфера на натпреварите ѝ припаѓа на навивачката група Чкембари. Тие се оние што го водат шоуто на трибините, а битолската публика се надоврзува и надополнува.
 
Минатата недела се одигра финалето на Купот на Македонија во ракомет во Кавадарци, еден од најважните натпревари за Пелистер и Вардар. Иако пелистерци повеќе од 15 години чекаа да освојат титула, Вардар славеше победа и ја освои јубилејната 15. титула во Купот на Македонија, во драматичен натпревар кој се решаваше во последните моменти.

Поддршка од трибините имаа и Пелистер и Вардар. На натпреварот, Чкембари беа поддржани од Лозари, кои им се „браќа по навивање“.

7
Фото: Ристе Стамаџиев /Фејсбук: Чкембари Битола

Битолчани и Чкембари се познати по тоа што знаат да направат неверојатна атмосфера на ракометните натпревари затоа што живеат за ракометот. Тука секое срце бие во ритамот на ракометот и секој битолчанец гордо ги носи боите на Пелистер, а секој натпревар се доживува како празник.

И како нема да е така кога ракометот влече длабоки корени во Битола од далечната 1955 година. Во тоа време беше формиран клуб под името РК Пелистер кој се натпреваруваше во Републичката лига. Во 1967 година Пелистер се здружува со РК Работник, исто така од Битола, под заедничкото име РК Пелагонија. Веќе во 1986 година Пелистер станува првиот македонски клуб кој играл во некое европско натпреварување, а наредните две сезони беа најуспешни во дотогашната историја на клубот. По формирањето на македонската Супер лига во 1992 година, Пелистер стана најуспешен клуб освојувајќи пет титули од вкупно осум одиграни сезони.

Се соживеавме со навивачите


- Немаше натпревар во кој салата „Младост“, (денешна „Боро Чурлевски“) не беше исполнета до последното столче. Низ битолските улици беше пусто, а веќе можеше да се почувствува жешката атмосфера при доближувањето до салата. Бевме соживеани со навивачите, патувавме заедно, не сакавме да ги разочараме и дававме сѐ од себе на секој натпревар. Заедно се радувавме на многу успеси. Сите љубители на ракометот што доаѓаа на натпреварите кога играше нашата генерација, и љубителите на ракометот денес, можеа да забележат една работа: ние игравме со срце. Финансиите воопшто не ни беа важни, важна беше љубовта кон клубот - вели Златко Димитровски, поранешен ракометар на Пелистер и репрезентативец на Македонија кој играше за пелистерци во периодот од 1992 до 2009 година со кратки прекини.

златко
Златко Димитровски/Фото: Приватна архива

Димитровски имал многу подобра понуда - да го облече дресот на Вардар, но поради љубовта кон клубот од неговата Битола, не го напуштил Пелистер.

- Пелистер ми беше и сѐ уште ми е во срцето. Уште од тоа време Вардар ни беше најголемиот ривал, па не сакав да ја разочарам битолската публика со моето заминување. Истото се случи со уште неколку други играчи од Битола кои никогаш не заминаа од Пелистер. За жал, сега се други времиња. Сѐ додека играчите не покажат карактер, борбеност и спортска дрскост, успехот на тимот ќе изостанува. Тоа беше и треба да остане препознатлива карактеристика на Пелистер - додава Димитровски.

златко
Фото: Приватна архива

Битола ги има најдобрите навивачи кои заслужуваат да бидат наградени со титула

Дека е пеколно да се игра пред битолската публика, знае и ракометарот Иван Димитровски, дел од Еурофарм Пелистер 2, кој игра на позицијата лево крило. Како што вели тој, битолската публика знае да го награди успехот, но и да ја искритикува неодговорната и неборбена игра.

ivan
Фото: Дамијана Ристевска/Bitola News

- Само играчите што го носеле дресот на Пелистер можат да опишат какво е чувството да се игра за овој клуб затоа што луѓето во нашиот град одлично го познаваат ракометот. Борбениот дух што го имале претходните генерации треба да е мотив за нас, помладите, бидејќи само така успехот нема да биде изоставен. Битола ги има најдобрите навивачи кои заслужуваат да бидат наградени со титула. Нивната страст кон ракометот ја покажаа на дербито со Вардар минатата година, кога бевме домаќини. Чест е да се игра пред ваква публика и чест е да се игра пред Чкембарите - вели тој.

ivan 2
Фото: Дејан Кузмановски

Чкембарите и битолската публика нѐ мотивираат да го дадеме најдоброто од себе

Сезоната 2004/2005 беше последната сезона во која Пелистер беше првак на првенството откако во полуфиналето го порази Вардар со 2-1 во победи, и со истиот резултат го победи Металург во финалето.

Голманот на првиот тим Еурофарм Пелистер, Унгарецот Мартон Секељи, во изјава за веб-страницата 24-ракомет.мк ги пофали битолчани и битолската навивачка група Чкембари за нивната поддршка.

- Чкембари се фантазија. Горат сѐ со емоцијата, безрезервно стојат зад екипата и тоа е неверојатно. Никогаш нема да заборавам дека од Битола патуваа цела ноќ до Белград и ја „запалија“ салата, пееја, го даваа најдоброто од себе од трибините - изјави тој во неодамнешното интервју.

Стилот на навивање се менуваше, но љубовта кон Пелистер остана иста

Голем дел од заслугата за пеколната и жешка атмосфера на натпреварите ѝ припаѓа на навивачката група Чкембари. Тие се оние што го водат шоуто на трибините, а битолската публика се надоврзува и надополнува. Како што вели Владимир Цветановски, член на навивачката група Чкембари, односно дел од ветераните, уште од самите почетоци имале и сѐ уште имаат идеал за бодрење на сето она што го претставува Пелистер.

8
Фото: Ристе Стамаџиев /Фејсбук: Чкембари Битола

-  Со текот на годините се менуваше стилот на навивање. Понекогаш се одеше на брзи и кратки песни со многу тензија во навивањето и задолжително пиротехничко шоу. Денес се оди повеќе на долги песни со многу врева и со иста страст како некогаш, но многу помалку пиротехничко шоу - вели битолчанецот Цветановски, кој уште од мали нозе е дел од навивачката група.

Цветановски се сеќава на натпреварот помеѓу Црвена звезда и Пелистер кон крајот на 80-тите години, во рамките на четвртфиналната група од Купот на Југославија, кога Пелистер беше еден од најдобрите клубови во поранешна Југославија.

9
Фото: Ристе Стамаџиев/Фејсбук: Чкембари Битола

- Салата беше полна до последното столче, а тогаш моќната Црвена звезда, предводена од Игор Бутулија и Драган Шкрбиќ, подлегна на атмосферата и ракометарите едноставно ги фрлија крпите. Постојат мал милион навивачки моменти што вреди да се споменат и што нѐ обликуваат како една од најстрасните навивачки групи. За тоа зборува и почитта што ја добивавме од ривалските клубови, па така за време на еден натпревар, ракометарите на Цеље Пивоварна од Словенија, воодушевени и понесени од атмосферата, нѐ наградија со аплауз - раскажува Цветановски.

Ракометната треска во Битола не запре ниту за време на еден од најсилните земјотреси што му се случиле на градот, на 1 септември 1994 година. Иако битолчани мораа да спијат под отворено небо, ракометот беше приоритет, па така на 3 септември салата „крцкаше“ за време на натпреварот помеѓу Пелистер и ЦСКА Минск во Лига на шампиони.

4

Битолa - расадник на ракометни таленти

Битолчани го носат ракометот во нивната ДНК. Голем број поранешни познати ракометари, како Боро Чурлевски, Златко Димитровски, Александар Зарков, Иван Марковски, Стевче Алушовски, Стевче Стефановски, потекнуваат од Битола. Љубовта кон овој спорт се раѓа уште од мали нозе, кога децата ги имаат првите средби со топката, а подоцна и кога ќе седнат во училишните клупи.

-  Во периодот кога растев, љубовта кон ракометот се раѓаше во самите училишта. Имаше многу квалитетни меѓуучилишни општински, државни, па и меѓународни натпревари. Од училиштето каде што учев произлегоа две репрезентативки: јас и Мирјета Бајрамоска. Костурот на женскиот ракометен клуб Пелистер беше од млади ракометарки - вели Александра Здравевска, поранешена ракометарка на Пелистер и поранешна репрезентативка на Македонија.

ivan
Фото: Дејан Кузмановски

Пелистер беше отскочна штица за многу звучни имиња во ракометот, како Кире Лазаров, Пепи Манасков, Душан Новокмет, Наумче Мојсовски, Ацо Јоновски, Билјана Чурлевска-Маневска, Филип Кузмановски, Никола Митревски, Дејан Пецаковски и многу други. Сите тие ја почувствувале публиката како осми играч и знаат колку значи бодрењето од трибините. Дека публиката во Битола е импресивна, единствена и застрашувачка, знаат и ракометарите од противничките тимови.

- Најдобри сте, секоја ви чест. Оваа атмосфера ја нема никаде во светот - рече Халил Јагањац, ракометар на хрватскиот „Нексе“, по натпреварот за пласман во четврт-финалето на ЕХФ купот, во Битола.

- Симнувам капа. Чест е да се игра пред ваква публика - вели ракометарот Јанко Кевиќ од хрватскиот „Нексе“.

5
Фото: Дејан Кузмановски

До ден-денес битолската публика и Чкембарите верно и посветено се присутни на секој ракометен натпревар, а доказ за тоа е и брзината со која се распродаваат картите пред натпреварите. Она што ја издвојува публиката од другите е тоа што кога битолчани влегуваат во салата, секој навивач станува Чкембар и натпреварот од почеток до крај се следи на нозе. Битола живеела и живее за Пелистер и ракометот.

Насловна фотографија: Дејан Кузмановски