Како да ги научиме учениците да учат

Како да ги научиме учениците да учат

Подготвил: Теодора Цветковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Само еден од четири наставници конзистентно и систематски применува ваков тип методологија, покажало истражувањето на Центарот за истражување и креирање политики

„Наставничката зборува 40 минути, поставува прашања и сама ги одговара“, „Учиме напамет, има некои зборови што не ги разбираме и тие (наставниците) не ни ги објаснуваат... Ова се само дел од негативните примери за наставните методи што ги посочиле ученици во истражувањето Настава за компетенција „Учење како да се учи“. Тоа денеска беше презентирано пред група наставници и претставници од невладиниот сектор.

Иако учениците се пожалиле на методите за настава што ги користат нивните наставници, просветните работници во истражувањето истакнале дека користат ваков начин на предавање - „Учење како да се учи“ - УКУ), една од клучните вештини за доживотно учење.

Резултатите во практика прикажуваат друга слика. Само еден од четири наставници конзистентно и систематски применува ваков тип методологија, покажало истражувањето. Тоа значи дека наставниците не се соодветно обучени и дека никој од нив не бара да користат вакви методи. Доколку се сменат домашните јавни политики, ова ситуација би се променила.
- Потребно е да се работи на формалното образование на наставниците. Треба да се запознаат со концептот на „Учење како да се учи“ и сите делови на оваа компетенција. На тој начин ќе ја научат интеракцијата на сите нејзини димензии и ќе знаат како да ја применат врз учениците - вели Ана Мицковска-Ралева од Центарот за истражување и креирање политики.



Целта на нејзиното истражување била да ја процени состојбата и да предложи мерки за подобрување.
- Има уште многу работа. Иако е нов метод, Европската комисија го препознава како важен и треба да се приклучиме и ние - додава Мицковска-Ралева.

Во истражувањето е наведено дека ова е тема на која академската заедницa треба и понатаму да работи. Инструментите за оценување што ги користат наставниците треба да се развиваат, валидираат и да се стандардизираат. Позитивни промени би имало ако се применат искуства и начин на работа од други земји.
Од Министерството за образование и наука изразија поддршка за ваквите идеи и би сакале овој прирачник да се користи за одржување обуки за идните наставници.