Не е за чувствителни личности - најдобрата серија на „Нетфликс“ базирана на вистинска приказна

Не е за чувствителни личности - најдобрата серија на „Нетфликс“ базирана на вистинска приказна

Подготвил: Тамара Гроздановски

„Кога тие ќе нè видат“ („When They See Us“) е приказна за пет момчиња, Афроамериканци, муслимани и Мексиканци, кои во 1989 година имале од 14 до 16 години. Млада бела жена, Триша Мејли, една кобна вечер тргнала на трчање, но била нападната, силувана и оставена да умре во Централ парк.

Споменатите момчиња неправедно, без докази, со изнудено признание, биле обвинети за ова злосторство. Серијата го следи целиот процес на апсење, тортура на која биле изложени децата, судење, пресуда, затворска агонија и пресвртницата кога биле ослободени 10 години подоцна.

Серијата го поставува прашањето - дали телевизијата може да биде добра ако не е забавна? Првпат мислам дека може, бидејќи вистинските случувања, особено ако се драматични и ако укажуваат на важни општествени прашања, се предизвик на многу покомплициран начин од фикцијата.

Момчињата Антон, Рејмонд, Кевин, Јусеф и Кори се метафора на сето она што е погрешно во правото, општеството и политиката. Тие се симбол на сите поединци што страдаат, а се невини и беспомошни за да се изборат со системот, корупцијата и политиката. Серијата ќе ве вовлече во вителот на расизам, неправда и лични судбини што не добиле шанса. На моменти ќе почувствувате како да се давите и како да ви е потребен свеж воздух.



Автор: Ивана Стојанов