Поради селфиња, тинејџерите завршуваат на пластични операции

Поради селфиња, тинејџерите завршуваат на пластични операции

Подготвил: Билјана Арсовска

Минатата година истражувачи склопија нов термин за опис на феноменот на клиенти кои одат на хируршки процедури за да личат повеќе на себеси - односно на филтрираните верзии од нив кои често си ги споделуваат на социјалните мрежи. Терминот е „Снепчет дисморфија“.

Сега кинеските медиуми пренесуваат дека „Снепчет дисморфијата“ и социјалните медиуми генерално се причина зошто сè повеќе тинејџери и млади лица одат под нож - некогаш во потрага по невозможни резултати.

Според психотерапевтот Џејми Чиу, денешниот фокус на изгледот воден од социјалните мрежи ја уништува психата на младите лица.

- Нема сомнеж дека растењето во оваа околина преокупирана со социјални медиуми ја повредува вашата самодоверба - вели Чиу, додавајќи дека филтрите особено придонесуваат за опасниот тренд кога луѓето се чувствуваат несигурни дека не се толку убави како филтрираната верзија од нив.

Во обид да се надмине тоа, сè повеќе млади лица ги посетуваат клиниките за пластична хирургија. Во Кина половина од сите клиенти за пластична хирургија се помлади од 28 години, додека во Западна Европа просечната возраст минатата година се снижила за пет години.

- Некои пациенти доаѓаат со фотографија од едитирана верзија од нив и ќе побараат да изгледаат така, но многу од она што го сакаат, како што е менување на позицијата на очите, е возможно само на апликациите - вели пластичниот хирург Џулијан де Силва.