Царовска: Од септември учениците ќе добиваат зголемени стипендии од 3.500 денари

Царовска: Од септември учениците ќе добиваат зголемени стипендии од 3.500 денари

Ученичките стипендии што ќе се исплаќаат со почетокот на новата учебна година од септември ќе се зголемат во просек за 11 %, соопштуваат од Министерството за образование и наука. Со денешната владина одлука, наместо досегашните од 2.200 до 2.970 денари на месечно ниво, учениците ќе добиваат стипендија во висина од 3.500 денари. Вкупниот годишен износ што ќе се распределува за оваа намена од речиси 87 милиони денари се зголемува на 97,8 милиони денари, а ќе бидат опфатени 3.100 ученици.

- Заедно со претставниците на средношколците и со работната група МЛАДИ-МОН изминатите десет месеци работевме на анализи и план за зголемување на ученичките стипендии со цел да го стимулираме нивниот труд, знаења и успеси. Политиката на стипендирање е проширена, како од аспект на видовите стипендии, имаме повеќе нови категории за да се опфатат што повеќе млади, но и значително зголемени износи за голем дел од постојните, за навистина да ја почувствуваат материјалната поддршка од државата - изјави министерката за образование и наука Мила Царовска.




За сите видови стипендии ќе се објавуваат конкурси и заинтересираните навремено ќе бидат информирани за сите услови, критериуми и рокови за остварување на ова право. Министерката истакна дека фокусот на уписните политики е средното стручно образование кое се покажува како дефицитарно и нуди просперитет за младите, затоа најмногубројна категорија се стипендиите за ученици што ќе се запишат во дуални паралелки во четиригодишно стручно образование, но и ученици што ќе се запишат во тригодишно средно стручно образование.


- Поголема категорија се и стипендиите за социјална поддршка, за да им излеземе во пресрет на учениците чии семејства имаат месечни приходи под она што значи оптимум за нормално живеење и функционирање - додаде Царовска.

фото: МОН