Во САД трансплантирано првото целосно вештачко срце

Во САД трансплантирано првото целосно вештачко срце

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Хирурзите од универзитетската клиника „Дјук“ во Северна Каролина, САД, неодамна трансплантираа целосно вештачко срце во 39-годишен маж кој доживеал ненадејна срцева слабост. За разлика од вообичаените вештачки срца, ова го имитира човечкото срце и на примателот му дава поголема независност по операцијата, соопштија од универзитетот.

Срцето било развиено од француската компанија CARMAT и се состои од две вентрикуларни комори и четири биолошки валвули, осигурувајќи се дека вештачкото срце не само што личи на човечкото туку и функционира како него.

Срцебиењето е создадено од придвижувачка течност која пациентот ја носи во торбичка надвор од телото и срцето се пумпа со користење микропумпи во зависност од потребите на пациентот, а тоа се одредува со сензори и микропроцесори во самото срце. Два отвора го поврзуваат вештачкото срце со аортата, која е најголемата артерија во телото, како и со белодробното артериско стебло, кое носи крв до белите дробови.

На примателот на вештачкото срце му била дијагностицирана ненадејна срцева слабост и морал да оди на бајпас-операција. Но, неговата состојба брзо се влошила и не можело ни да му се трансплантира срце. За среќа, клиниката била едно од местата каде што се тестирале вештачките срца на француската компанија, која добила првично одобрение за тоа од американската Администрација за храна и лекови (ФДА).

Пациентот сега е во стабилна состојба и е под надзор во болницата, а лекарите и понатаму го следат функционирањето на срцето. Како дел од напорите за водење речиси нормален живот, пациентот ќе мора да си носи торба тешка речиси 4 килограми, која се состои од контролор и две батерии кои можат да овозможат работа од речиси 4 часа, а потоа треба да се наполнат.

Направата веќе е одобрена за употреба во Европа, но е наменета само како мост за пациенти на кои им е дијагностицирана крајна фаза на бивентикуларна срцева слабост и веројатно ќе треба да одат на трансплантација на срце во следните 180 дена, стои на страницата на компанијата.

Минатата година истата американска клиника почна да трансплантира срца од донори кои починале од срцева слабост, но ги реанимираше во телата на примателите. Само минатата година во оваа клиника биле извршени 50 такви операции, па тие можеле да ја намалат медијаната на времето за трансплантација на срце на 82 дена. Како една од шесте големи болници во САД што нудат услуги за трансплантација на срце, болницата веќе се надева дека ќе ги намали времето и бројот на смртни случаи кои се случуваат додека се чека трансплантација.


Извор и насловна фотографија: Interesting Engineering