Кина вработува роботи поради недостигот на работна сила

Кина вработува роботи поради недостигот на работна сила

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Во следните десет години бројот на Кинези над 60 години ќе се зголеми од 280 на повеќе од 400 милиони, според кинеската Национална здравствена комисија.

Кинезите стареат, а процентот на вработени драстично се намалува, па шангајската компанија „Фориер интелиџенс“ претстави прототип на хуманоиден робот кој може да се користи во здравствените установи на кои им е потребна работна сила.

 

„ГР-1“ може да послужи како негувател, терапевт и придружник за постарите луѓе кои поголемиот дел од денот го поминуваат сами или живеат во домаќинства. Висок 164 сантиметри и тежок 55 килограми, „ГР-1“ може да оди, седи, скока, да избегнува пречки и да извршува едноставни задачи како држење шише. „Фориер интелиџенс“ се надева дека работниот прототип ќе биде целосно оперативен за најмногу две до три години.

Компанијата развива технологија за рехабилитација и егзоскелети, а пациентите користеле делови од идниот робот како потпори за раце и нозе во физикална терапија. Целосните хуманоидни роботи треба да ја пополнат празнината, а пациентите ќе добијат автономни роботи кои ќе можат да комуницираат со нив.

„ГР-1“ беше претставен деновиве на Светската конференција за вештачка интелигенција во Шангај, каде што беа претставени и прототипот на „Тесла“ за хуманоидниот робот „Оптимус“ и други роботи од различни кинески компании.

Меѓу нив беше и „X20“, робот со четири нозе од кинеската компанија „Дип роботикс“, развиен да ги замени луѓето во опасните задачи, како што се откривање токсични гасови и пожари и изведување итни спасувања.

 

Извор: Bug.hr
Фото: Fourier Intelligence