Астероид со големина на облакодер ќе помине многу блиску до Земјата: „Богот на хаосот“ ќе го видат дури 90 проценти од луѓето
Научниците од целиот свет внимателно го следат Апофис уште од неговото откривање во 2004 година. Наречен е по Апеп, египетскиот змиски бог на темнината и хаосот, а по неговото откривање научниците проценија дека постои можност од еден спрема 37 да удри во Земјата.
Потенцијално опасниот астероид ќе биде видлив со голо око за дури 90 проценти од светското население, открија научниците.
Астероидот со големина на облакодер, наречен „Бог на хаосот“, на 13 април 2029 година ќе помине исклучително блиску до Земјата. Во моментот на најголемото приближување астероидот Апофис ќе помине на растојание од само 30.600 километри од површината на Земјата. Со тоа оваа вселенска карпа, широка околу 450 метри, ќе се најде поблиску до нашата планета отколку што кружат некои геосинхрони сателити.
Според новите карти претставени на работилницата „Апофис Т-3 Јирс“ во Падова, Италија, астероидот ќе помине доволно блиску за повеќето жители на планетата да можат да го видат со голо око.
Се проценува дека околу 7,6 милијарди луѓе ќе имаат можност да посведочат на настан што се случува еднаш во илјада години. Научниците наведуваат дека астероидот ќе изгледа како сјајна ѕвезда која полека се движи по небото, а некои посреќни набљудувачи на северната хемисфера ќе можат да го следат со часови.
За разлика од метеорот, кој свети додека согорува во атмосферата, Апофис нема да произведува сопствена светлина додека поминува покрај Земјата. Ќе биде видлив благодарение на сончевата светлина што ќе се одбива од неговата површина, па ќе може да се набљудува само во самрак или ноќе, пренесува Дејли мејл.
Овој настан ќе биде вистинска научна ризница за астрономите
Благодарение на патеката и времето на минување, речиси целата планета ќе има можност да го види „Богот на хаосот“ како безопасно поминува покрај Земјата. Прелетот ќе започне околу 17 часот по европско време, кога Апофис сè уште ќе биде најоддалечен од Земјата. Тогаш ќе можат да го набљудуваат околу 4,5 милијарди луѓе во Австралија и поголемиот дел од Азија. Во моментот на најголемото приближување до Земјата, околу 23:45, Апофис ќе биде видлив за околу 1,9 милијарди луѓе во источниот дел на Јужна Америка, Северна Африка и делови од Европа.
Астероидот потоа ќе ја достигне највисоката точка над северниот Атлантик и околу полноќ ќе почне да исчезнува од видокругот. Најдобриот момент за набљудување ќе биде кога Апофис ќе го достигне најголемиот сјај, што научниците го очекуваат околу 22:35 ч. Тогаш ќе изгледа како една од посјајните ѕвезди во Големата Кола, а на секои 60 секунди ќе се поместува на небото за ширина на полна Месечина.
Професорот Ричард Бинзел, научник од МИТ кој учествуваше во изработката на картите, напиша дека тој настан ќе биде посебна можност јасно да се види како се движи астероидот.
- Овој настан воедно ќе биде вистинска научна ризница за астрономите кои ги проучуваат астероидите во нашиот Сончев Систем бидејќи ќе обезбеди важни информации за нивниот состав и за тоа како силите на планетата влијаат врз нив - наведе Бинзел.