Доставувач на храна ја освои главната книжевна награда на Кина
Ванг Ѓибинг, доставувач на храна, со години ги објавувал своите песни и есеи на социјалните мрежи пред да станат популарни.
Збирка песни, од кои некои се напишани на ливчиња хартија помеѓу испораките на храна, му го донесе на Ванг Ѓибинг едно од најголемите книжевни признанија во Кина.
Збирката „Низок лет“, инспирирана од секојдневните предизвици со кои се соочуваат доставувачите, ја освои книжевната награда „Лу Сјун“ - именувана по писателот кој се нарекува татко на модерната кинеска книжевност.
Ванг (56), кој станал доставувач околу 2019 година, ѝ го привлече вниманието на јавноста на социјалните мрежи поради неговите песни и есеи.
Тој е дел од сè поголемата група работници чии популарни книжевни дела нудат увид во притисоците со кои се соочуваат на огромниот кинески пазар на слабо платени и привремени работи.
За Ванг, престижната книжевна награда доаѓа по неколку тешки децении работа со привремени договори.
- Бев како на игли, исклучително нервозен... Кога беше објавено, сè се реши - изјави Ванг за државниот медиум „Глобал тајмс“.
Медиумското внимание само го зголеми големиот притисок врз него, додаде тој.
Паричните награди за добитниците на книжевното признание „Лу Сјун“ не се објавуваат јавно - иако од 2014 година изнесува 100.000 кинески јуани (12.900 евра).
Роден во провинцијата Ѓангсу, Ванг го напуштил училиштето како тинејџер поради финансиски проблеми дома. Работел разни работи, од градежништво до собирање отпад и продажба на работи на улична тезга, пред да стане доставувач на храна. Но, неговата љубов кон читањето опстанала и во текот на последната деценија објавува песни и есеи на социјалните мрежи.
Инспирирана е од инцидент од 2019 година, во кој поминал часови во испорака барајќи ја улицата бидејќи муштеријата внел погрешна адреса.
Една година подоцна ја објави првата збирка поезија „Човек во брзање: Песни на доставувачот на храна“.
И покрај освојувањето на наградата, Ванг изјави дека нема намера да ја напушти работата, додавајќи дека планира да работи додека не наполни 60 години.
- Оваа работа не ми е потребна за да заработувам за живот, но ја сакам атмосферата и ме одржува во форма. Сакам едноставен живот и наградата нема да ме промени - изјави тој.
„Низок лет“, објавена во 2024 година, е збирка песни инспирирана од интервјуа и анкети кои Ванг ги спровел со околу 200 доставувачи.
Фото: принтскрин/јутјуб