Најскапиот сладолед на светот чини колку половен автомобил
Апсолутниот рекордер и официјално најскапиот сладолед на светот според Гинисовата книга на рекорди доаѓа од Јапонија, го носи поетското име „Бјакуја“ (што во превод значи „Бела ноќ“), а цената на една порција од само 130 милилитри изнесува неверојатни 880.000 јени (помеѓу 5.100 и 6.700 евра, во зависност од курсот).
Овој луксузен десерт го создаде јапонскиот бренд „Челато“ (во сопственост на компанијата ОМЕР Лтд.) во соработка со познатиот шеф Тадајоши Јамада, а развојот на рецептот траеше повеќе од 1,5 година.
Зошто цената е толку висока?
Главната причина за толку високата цена се крие во неговите ретки и ексклузивни состојки од два различни краја на светот:
- бел тартуф од Алба – клучна состојка која се увезува директно од италијанскиот регион Пиемонт. Цената на овој специфичен тартуф може да достигне од 13.000 до 15.000 евра по килограм.
- злато што се јаде – сладоледот е украсен со ливчиња од чисто, 24-каратно злато.
- саке касу – традиционална, ферментирана оризова паста која настанува како нуспроизвод при производството на јапонскиот алкохолен пијалак саке, што на сладоледот му дава препознатлива, комплексна овошна нота.
- пармиџано реџано – италијански пармезан кој нуди богата текстура и соленикав контраст.
Каков вкус има и како се јаде?
Според рецензиите на оние што го пробале, сладоледот има многу сложен, богат и префинет вкус. Доминира силен мирис и арома на бел тартуф, проследени со комплексни и остри ноти на пармезан, додека саке касу на крајот остава благ, сладок завршеток.
Со сладоледот не добивате обично пластично лажиче. Челато го испорачува овој десерт во луксузно пакување, а со него доаѓа рачно изработена метална лажица која ја ковале мајстори во градот Такеучи, користејќи традиционални техники кои инаку се применуваат при изработка на јапонски мечеви и прибор за храмови.
Исто така, купувачите добиваат и детални упатства како да го остават сладоледот да омекне на собна температура пред во него да го истурат приложеното масло од бел тартуф и сè внимателно да промешаат.
Фото: magnific