Серијата „Мрачниот волшебник“ за светски познатиот качувач по карпи и одач по жица буквално го одзема здивот
Серијата „Мрачниот волшебник“ ги воодушеви критиката и публиката со длабокиот портрет на Дин Потер - една од највлијателните и најконтроверзни фигури во екстремните спортови.
Режисерите Питер Мортимер и Ник Розен не создаваат хагиографија, туку низ четири епизоди го следат патот на Потер од бунтовник од јосемитската качувачка комуна до глобална икона, иноватор во слободното качување, одењето по јаже (хајлајн) и БЕЈС-скокањето. Фокусот не е само на неверојатните подвизи. Користејќи досега невидени архивски снимки и личните дневници на Потер, документарецот открива комплексна личност која се криела зад митскиот статус. Серијата навлегува во неговите внатрешни борби, ментални предизвици и токсична компетитивност, која кулминира во ривалството со Алекс Хонолд.
Критиката ја дочека серијата со пофалби, опишувајќи ја како потресен, емотивен и визуелно спектакуларен наратив. Пофалена е режисерската одлука да се избегне глорификација и да се прикаже целосна слика за човекот кој бил истовремено инспиративен и самодеструктивен. Многумина истакнуваат дека серијата го надминува жанрот на спортски документарец, станувајќи предупредувачка приказна за потрагата по смисла на самиот раб од животот. Таа сурова искреност, која не ги крие маните на Потер, го издвојува „Мрачниот волшебник“ како исклучително дело.
Буквално да се живее и да се умре за сон - би можело да биде мотото на животната филозофија на Потер, тој импресивен пионер на екстремното качување по карпи.
Фото: принтскрин/јутјуб